Најдено решение – мостот „Михајло Апостолски“ ќе стане функционален

341

На булеварот „Александар Македонски“ ќе се прави кружен тек. Овој булевар е еден од најоптоварените, бидејќи е источната влезна порта во Скопје и поради тоа често пати има застои во сообраќајот. Во отсуство на одговор од Град Скопје, кој е надлежен за проектот, градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, за весникот ВЕЧЕР го појасни планот за ставање во функција на мостот „Михајло Апостолски“ со кој Аеродром ќе се поврзе со Автокоманда.   

Според ГУП на Град Скопје, на вкрстувањето треба да има кружен тек на ниво, а над него надвозник. Друг кружен тек според ДУП е предвиден и кај седиштето на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Додека во населбата Ќерамидница, каде што треба да се пробие новиот булевар како продолжение на булевар АСНОМ во Аеродром, ќе има раскрсница

На булеварот „Александар Македонски“ ќе се прави кружен тек. Овој булевар е еден од најоптоварените, бидејќи е источната влезна порта во Скопје и поради тоа често пати има застои во сообраќајот.

До неодамна во опција беше да се направи голема современа крстосница со високи портали на кои ќе бидат поставени семафори. Но, најверојатно надлежните се откажале од таа идеја, па сега во опција е кружниот тек кој ќе овозможи непречено одвивање на сообраќајот.

Од Град Скопје весникот ВЕЧЕР веќе неколку дена чека одговори за повеќе детали околу изведбата на овој кружен тек, но оттаму молк.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, потврди дека станува збор за таков проект за кој надлежен е Град Скопје. Тој информираше дека се правеа геомеханички испитувања околу раскрсницата на булеварот „Александар Македонски“ со улицата „16. Македонска бригада“, која оди кон населбата Железара каде што ќе се прави кружниот тек.

– Улицата „16 Македонска бригада“ е собирна улица која се вкрстува со булевар „Александар Македонски“. Според ГУП на Град Скопје, на вкрстувањето треба да има кружен тек на ниво, а над него надвозник – објасни Стефковски.

Исто така, како што кажа Стефковски, друг кружен тек, според ДУП, е предвиден и кај седиштето на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Додека во населбата Ќерамидница, каде што треба да се пробие новиот булевар како продолжение на булевар АСНОМ, во Аеродром, ќе има раскрсница. На овој начин новоизградениот мост „Михајло Апостолски“, кој во моментов е затворен за сообраќај, ќе стане функционален и населбата Аеродром ќе се поврзе со Автокоманда.

За да се случи тоа, во Ќерамидница ќе треба да се урнат само десетина објекти. Од Град Скопје не се изјаснуваат дали се направени договори за експропријација со сопствениците на објектите и дворовите каде што ќе минува трасата на булеварот, но според информации од жители на Ќерамидница, наводно градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, им понудила  многу повисоки износи од оние што претходно им ги нудеше екс-градоначалникот, Петре Шилегов.

(А.П.) – Фото: Петр Стојановски