Таман министерот за економија, Крешник Бектеши најави дека по повеќе години РЕК Битола работи со фул капацитет, денеска стигна соопштение од АД ЕСМ дека вон функција е ТЕЦ Осломеј.
– Целосно сме подготвени за зимата. Новиот трансформатор за Блок 3 во РЕК Битола кој се изработуваше во фабрика во Турција пристигна во РЕК Битола – истакна Бектеши.
– Термоелектраната Осломеј е исклучена од производство поради проблем со еден од вентилаторите во делот на отпепелувањето, што доведе до самозапалување на помала количина несогорен јаглен и пепел, информираат од АД ЕСМ.
Од компанијата додаваат дека настанатиот пожар кој е од помали размери надвор од термоелектраната, е локализиран со сопствени ресурси, додека од превентивни причини е повикана противпожарната служба, согласно процедурите за постапување.
– Веднаш ќе се пристапи кон санирање во делот на вентилацијата на отпепелувањето и се очекува електраната да биде вратена на мрежа во најбрзо време и да работи според планот за производство, за што е обезбедена доволна количина набавен јаглен и јаглен од сопствен ископ на РЕК Осломеј – соопштија од АД ЕСМ.
Според компанијата застојот нема да предизвика недостиг на електрична енергија во системот, односно потрошувачите ќе бидат задоволеми преку другите производни капацитети.