Нема да има зголемување на цените на новите автомобили во 2023, а можно е намалување на половните

Цените на автомобилите во наредната година ќе останат непроменети. Пазарот ќе се стабилизира, но проблемите со испорака ќе продолжат. И покрај најавите кои доаѓаат од Германија дека ќе има намалување на цените на автомобилите тоа нема да се случи. Можно е да се намалат само некои марки од половните возила, но не и новите. Но, зголемување нема да има, цените ќе останат исти и нема да има ценовни шокови кај муштериите, велат за ВЕЧЕР од автосалоните

512

Цените на автомобилите во 2023 година ќе престанат да растат, пазарот ќе се стабилизира, но проблемите со испорака ќе продолжат. Минатата година поради глобалниот недостиг на чипови и други автоделови имаше зголемување на цените за 30 отсто и застојот во испораката на нови автомобили. Од автосалоните велат дека ако до неодамна можеше да се купи нов семеен автомобил за нешто повеќе од 13.000 евра, сега речиси и да нема автомобили за поприфатлива цена. Нов автомобил од 10.000 евра веќе е минато, велат од автосалоните. Но, сметаат дека овој тренд ќе престане во наредната година.

-Цените на автомобилите во наредната година ќе останат непроменети. Пазарот ќе се стабилизира, но проблемите со испорака ќе продолжат. И покрај најавите кои доаѓаат од Германија дека ќе има намалување на цените на автомобилите тоа нема да се случи. Можно е да се намалат само некои марки од половните возила, но не и новите. Но, зголемување нема да има, цените ќе останат исти и нема да има ценовни шокови кај муштериите, велат за ВЕЧЕР од автосалоните.

Оттаму додаваат дека посериозен проблем имаат со испораките на новите автомобили, кој не се надеваат дека ќе се реши во брзо време. Глобалниот недостиг на чипови и други автоделови покрај зголемување на цените предизвикаа и застојот во испораката на нови автомобили. Така сега луѓето кој сакаат да купат нов автомобил не се прашуваат која марка автомобил да се избере, туку главното прашање е колку долго се чека за негова испорака.

-Проблемот не е само кај нас, недостиг на нови возила има во цела Европа. Сето тоа настана како резултат на недостиг на чипови, а короната и војната во Украина дополнително придонесоа за нарушување на пазарот на автомобили и зголемување на нивната цена. Новите автомобили минимум се чекаат 6 месеци, а поексклузивните брендови и повеќе од една година, велат од автосалоните.

И од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство велат дека се очекува пазарот да се стабилизира, но не се очекува намалување на цените на автомобилите.

-Оваа година имавме пад и покрај тоа што последните 4 месеци имавме зголемување на продажбата на автомобили. Од 2028 година автомобилската индустрија постојано паѓа, но оваа година конечно имавме благ пораст. Но, не очекуваме ништо што е приближно до продажбата од пред 4-5 години. Растот е претежно во Кина и САД, бидејќи нив оваа енергетска криза не ги погодува во ист обем, а исто така инфлацијата таму е поублажена и веќе почнува да паѓа. Во Западна Европа ќе има делумно заздравување, но нема да биде големо, вели Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата.

Тој додава дека ризиците се големи и поради тоа има повеќе опции, а една од нив е и можно намалување на производството од 20 отсто. Помалку ќе бидат погодени кои се добавувачи на електрични и хибридни возила, бидејќи пазарот на овие автомобили е во подем, а повеќе оние кои произведуваат автомобили за широки народни маси или автомобили со внатрешно согорување.

Во Европа минатата година просечната цена на новите автомобили се зголеми за 5.000 евра. Во Германија, Италија, Франција, Велика Британија, Шпанија, Холандија и Норвешка, просечната цена на нов автомобил од 35.500 евра се качи на 44.000 евра. Во САД, пак, просечната малопродажна цена на возилата со внатрешно согорување се зголемила за 15 проценти, а просечната цена скокнала од 39.143 долари во 2015 година на 44.651 долари во 2022 година. Тоа е повеќе од 5.000 долари за само седум години.

(А.С.)