И покрај најавите на Владата за намалување на цените на основните прехранбени производи за 10 отсто, трговците, сепак, не ги намалија цените на лебот, млекото, месото. Од Организацијата на потрошувачи велат дека можно е намалување на цената, но за сметка на тоа да се намали и грамажата на производите. Така, на пример, доколку лебот од 480 грама се продава за 49 денари, цената ќе се намали на 40 денари, но ќе се намали и грамажата на 400 грама. Од ОПМ остануваат на ставот дека подобра опција е плафонирање на цената на основните прехранбени производи, која ја практикуваат поголем број од земјите во регионот и во ЕУ.
– Сè уште нема намалување на цените и покрај обврската на производителите, кои добија субвенционирана струја по 80 евра за мегава-час, за нивно намалување. Значи, продажните цени ќе се намалат, но може да се намали и грамажата на производите. Не знаеме како ќе се намалува цената, може оптички да ви изгледа дека цената е намалена, ама во исто време да купувате помала количина за истата цена. Трговците имаат многу трикови што ги применуваат. Најдобар начин беше со плафонирање на цените, но многу од економистите не се согласуваа и сметаа дека тоа не е начин. Од друга страна, земјите од ЕУ, како и земјите во регионот, Хрватска, Србија… го практикуваат тоа – изјави претседателката на ОПМ, Маријана Велкова-Лончар.
Од ОПМ велат дека и покрај нивните барања за повторна примена на оваа мерка, од Владата немаат слух.
– Видовме дека со маржите не се направи ништо. Пазарните инспектори не можеа да ги контролираат, бидејќи вршеа други работи, наместо да вршат надзори на пазарот. Потоа имавме проблем со ладниот синџир. Ние сметавме дека не е во ред да се прекинува ладниот синџир, затоа што многу се расипува храната и тогаш баравме од органите за надзор на пазарот да известуваат за тоа што навистина се случува внатре. Но, ние не можеме да бидеме присутни таму каде што Владата ги води политиките – вели Велкова-Лончар.
Во врска со укажувањата на трговците дека немале доволно време да се приспособат на новиот Закон за заштита на потрошувачите, од ОПМ велат дека тој долго време бил на ЕНЕР и оти трговците можеле да поднесат свои предлози.
Од мелничко-пекарската индустрија велат дека лебот ќе поевтини, но дека тоа ќе оди постепено. Трендот е позитивен и до Нова година ќе јадеме поевтин леб, уверува Горан Малишиќ од Мелничко-пекарската индустрија.
– Да, цената ќе се намали, соодветно на намалениот трошок за електрична енергија, но тоа нема да биде веднаш, туку, најверојатно, во втората половина на декември. Секоја компанија го прави тоа поединечно, си прават свои математики. Полека, очекуваме по Нова година и суровините да се намалат, пазарот ќе се стабилизира и очекувам трендот да биде позитивен и да функционира нормалната конкуренција на пазарот – вели Малишиќ.
Тој појаснува дека секоја компанија ќе ги намалува цените на производите, зависно од процентот на учество на енергијата во крајниот производ, но под услов цените на суровината, амбалажата и другите инпути да останат исти.
Сепак, министерот за економија Крешник Бектеши уверува дека веќе е почнат трендот на намалување на цените на основните прехранбени производи наведени во одлуката на Владата, а ќе се случи и кај другите производители откако ќе ги потрошат резервите на претходно набавените производи по повисоки цени.
– Кажавме дека очекуваме да има намалување на цените од 7 до 12 отсто, но не е возможно да се случи тоа моментално. Субвенцијата што ја даваме во делот на електричната енергија, почна да се реализира од 1 декември и веќе компаниите започнаа да формираат нови цени, кои ќе ги нудат на пазарот – изјави Бектеши.
Посочи дека и до 1 декември супермаркетите не биле празни и имале производи што биле набавени по повисоки цени. Поради тоа, како што вели, претходните резерви треба да се потрошат оваа недела или на почетокот од наредната недела, по што ќе се забележи намалување на цените на тие производи во синџирите на супермаркетите.
(А.С.)