Министерот за животна средина, Насер Нуредини тврди дека мора да продолжи реализацијата на тендерот за пречистителната станица на Скопје, бидејќи без таков објект кој ќе ги пречистува отпадните води не само го главниот град, нема никогаш да станеме членка на Европската унија. Според него, евентуалното пропаѓање на тендерот ќе значи дека ќе изгубиме 7 години, од кои три за да се направи нов тендер и четири години за да се изгради објектот за кој веќе се потпишани договори на 20 декември 2019 година вредни 136 милиони евра со Европската банка на обнова и развој (ЕБОР) – 58 милиони евра, како и со Европската инвестициска банка (ЕИБ) – 68 милиони евра, од каде потенцираа дека овој проект е основа за евентуално отворање на поглавјето за животна средина во преговорите со ЕУ. Плус 10 милиони евра се обезбедени преку инвестициски грант од Иницијативата за економска отпорност.
– Членовите на тендерската комисија треба да направат еваулација на понудите, според мои информации извештајот е при крај и треба да ни го достават. Немам пристап до комисијата и не сакам да имам. Само сакам да кажам дека ако има повторување на тендерот ќе изгубиме години и никогаш нема да бидеме членка на Европската унија, тоа впрочем и беше базичното барање на ЕУ, односно сите градови во Македонија да имаат пречистителни станици – истакна Нуредини.
Според министерот, остануваат отворени обврските на Град Скопје да ја комплетира урбанистичко планската докумантација и да го заврши процесот на експропријација, а договорот за градба, согласно работниот план се планира да се потпише во февруари 2023 година.
Наспроти сето ова, пресметката меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, сериозно се загрозува навремената реализација на овој проект за третман на отпадните води во градот Скопје, кој опфаќа 9 од неговите 10 општини. Арсовска го разреши директорот на скопски Водовод, Златко Перински поради, како што образложи, фаворизирање и обид за влијание во тендерот за пречистителна станица. Таа истакна дека имало неправилности во процедурата и побара смена на тендерската комисија и неколку пати обвини дека „директори на ВМРО-ДПМНЕ се фатени со рацете во медот“.
– Во разговори во претставници од ЕУ ми кажаа дека процедурата била во ред. Ако не било така, ниту една банка немаше да ги одобри средствата – дециден е Нуредини.
Се очекуваше градежните работи за пречистителната станица во Скопје да започнат во текот на 2021 година, а во употреба таа да биде пуштена во 2025 година.
Нуредини вели дека со изградбата на главните колектори на десниот и левиот брег на реката Вардар, треба да бидат затворени неколку испусти на отпадна вода кои директно се излеваат во реката во централното градско подрачје и општина Аеродром. Колекторите се главен предуслов за изградба на централната прочистителна станица.
– Заради низа проблеми во текот на градбата од страна на изведувачот договорот е раскинат и истиот ќе се доврши со наши средства. Останати за изградба се 900 метри за поставување на цевки и 10 шахти и за нив треба да се распише нов тендер, кој нема да биде потребен ако пропадне оној за пречистителната станица – вели Нуредини.
(С.Бл.)