Првиот долгометражен филм на режисерката Елеонора Венинова е интимна драма и ја прикажува приказната на една брачна двојка, која престојува во својата викенд-куќа во Охрид, кога нивниот мир и брачна идила е нарушена од доаѓањето на тинејџерка, којашто е ќерка на нивни блиски пријатели. Главните улоги ги толкуваат Камка Тоциновски, Благој Веселинов и Сара Климоска

„Одлична премиера на ‘Преекспонирано’ на Интернационалниот фестивал во Каиро, проследена со прашања од публиката. Заради големиот интерес, режисерката, актерите и продуцентот на филмот одговараа на многубројните прашања од публиката дури и по завршувањето на официјалниот дел“, се истакнува во објавата на официјалната страница на Фејсбук на филмот на режисерката Елеонора Венинова „Преекспонирано“, чија светска премиера се одржа на 20 ноември.

Првиот долгометражен филм (англиски насловен Things Unsaid) на Венинова, која го потпишува и сценариото, се прикажа во рамки на официјалната конкуренција на 44. Меѓународен филмски фестивал во Каиро (Cairo International Film Festival), кој трае од 13 до 22 ноември, а којшто е еден од 15 акредитирани А-фестивали во светот. Македонскиот филм пред фестивалската публика во Египет го промовираа режисерката Венинова, продуцентот Гоце Кралевски, како и актерите Камка Тоциновски и Благој Веселинов.

Инаку, „Преекспонирано“ е драма и ја прикажува приказната на една брачна двојка која престојува во својата викенд-куќа во Охрид, кога нивниот мир и брачна идила е нарушена од доаѓањето на тинејџерка, којашто е ќерка на нивни блиски пријатели. Главните улоги ги толкуваат Камка Тоциновски, Благој Веселинов и Сара Климоска.

„Присуството на тинејџерката, нејзините проблеми и емоции го предизвикуваат брачниот пар, кој е толкуван од актерите Тоциновски и Веселинов, односно преку неа тие го преиспитуваат својот брачен живот“, посочи режисерката Венинова, на прес-конференцијата во Скопје кога беше најавена светската премиера на филмот. Таа истакна дека „Преекспонирано“ е интимна драма, во која трите лика имаат цврста врска, а филмот е делумно инспириран од вистински настан.

Како што додаде таа, на ова остварување работела 10 години. „Од тогаш датира првата верзија на сценариото, кое е напишано со грант од Агенцијата за филм за развој на сценарија. Имав многу верзии на сценариото за да дојдеме до верзијата што ја снимивме. Ова е првиот филм кој се снимаше во пандемијата, во едни вонредни услови“, рече режисерката.

Актерката Сара Климоска, пак, која го толкува ликот на тинејџерката, на истата средба со новинарите, истакна дека ова е прва нејзина соработка со Венинова, но и со актерот Благој Веселинов. „Бидејќи филмот е психолошка драма, товарот и предизвикот беше голем за актерите. Сепак, со Камка и Благој, создадовме една убава атмосфера за сцените да ги направиме најдобро што можеме“, рече Климоска.

Како што истакна актерот Благој Веселинов, ова е дело што во себе има нешто различно, што до сега не го видел во друг македонски филм. „Тоа е една внатрешна, емотивна борба со која се соочуваат ликовите“, додаде тој.

Продуцентот на филмот, Гоце Кралевски од „ДНФ филмс“ најави дека набрзо ја очекуваат и европската премиера, и секако се надеваат таа да се случи на фестивал од А-категорија, а во текот на пролетта, пак, „Преекспонирано“ ќе може да го види и македонската публика.

Кинематографер на „Преекспонирано“ е Лев Предан Коварски од Словенија, композитор на оригиналната музика е Линдзи Рајт од Велика Британија, сценографијата е на Срѓан Митровиќ, монтажер е Гоце Кралевски, костимограф Жаклина Крстевска, монтажер на звук – Дарко Спасовски, мејк-ап артист Горан Игњатовски, а копродуцент Мирјана Томиќ (Лилит-Србија). Филмот е поддржан од македонската Агенција за филм, од Српскиот филмски центар, како и од Еуроимаж. (Н.И.Т.)