Започнува божиќното осветлување во Виена, кое ќе опфати 30 улици и трговски области, но ќе треба да ги земе предвид високите цени на струјата и недостигот на енергија.

Во 2021 година осветлувањето работеше 660 часа, а годинава ќе се намали на 364 часа, со што ќе се обезбеди заштеда од 45 проценти. За да се постигне заштеда, времето на осветлување ќе се скрати на периодот од 18 ноември до 8 јануари. Наместо до полноќ, светлата ќе се палат од 15 до 22 часот секој ден.

Пред десет години, Виена постепено почна да се префрла на LED божиќно осветлување, па денес најголемиот дел од осветлувањето е опремено со LED светилки. Нивната вкупна потрошувачка е 49.000 киловат часови, што одговара на годишната потрошувачка на 14 домаќинства со четири члена.

„Празничкото осветлување е важен дел од божиќната атмосфера во нашиот град. Ова дава значаен придонес за големиот успех на Виена како божиќен град. Оваа година ни требаат позитивните вибрации кои се појавуваат веднаш штом ќе се запалат градските светла. Потрошувачката на електрична енергија ќе се намали со користење на ЛЕД светилки и намалено време на осветлување“, изјави Маргарет Гампрехт од Стопанската комора на Виена.

Инаку, познато е дека божиќното осветлување на улиците во Виена е нешто што привлекува голем број туристи да ги поминат празниците во оваа метропола. Затоа, осветлувањето не само што промовира празнично расположение, туку и претставува важен фактор за економијата.

Но, со речиси двојното намалување на часовите во кои ќе биде осветлена Виена, се поставува прашањето како тоа ќе се одрази на економијата на Австрија, која досега го практикуваше речиси целиот сет на новогодишни активности и која имаше милионска заработка од празничниот период.