Агресивната руска реторика предизвикува сериозна загриженост кај Украинците кои стравуваат дека Русите ќе решат дополнително да го ескалираат конфликтот поради нивниот неуспех на бојното поле.
Украинците сериозно ги сфаќаат заканите на претседателот Владимир Путин дека со сите расположливи средства ќе ја брани нелегално анектираната украинска територија, тврди Политико.
Добротворната фондација „Серхи Притула“ во центарот на Киев има едно засолниште на паркинг под зграда за да го заштити персоналот од конвенционалните руски напади и друго што ќе се користи во случај на нуклеарен напад. „Второто засолниште е соодветно опремено. Има резерви од лекови, храна, вода за пиење и дестилирана вода, светилки и батерии“, тврди ТВ ѕвездата Серхиј Притула, кој ја предводи истоимената фондација.
„Секогаш е тешко да се предвидат активностите на руското воено и политичко раководство ако се користи нормална логика. Многу ни е жал што го имаме овој сосед. Затоа сѐ што е поврзано со нуклеарна закана треба да се сфати многу сериозно, како реална закана, и соодветно да сме подготвени“, додава Притула.
Кина се обидува да ја смири ситуацијата
Руската армија не постигнува задоволителни резултати на бојното поле, а Кремљ би можел да одлучи да употреби нуклеарно оружје во очајнички обид да стави крај на војната, предвидува Политико. Тие потсетуваат на изјавата на Дмитриј Медведев според која обидите на украинската војска да ги врати изгубените територии претставуваат закана за опстанокот на Русија.
Олексеј Данилов, секретар на Украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, тврди дека употребата на нуклеарно оружје би било самоубиствен чин. „Русија конечно ќе се претвори во непријател број 1 за целиот свет“, одговори Данилов на прашањето за последиците од руската употреба на нуклеарно оружје.
Дури и Кина, како сојузник на Русија, предупредува на опасноста од употреба на нуклеарно оружје. „Нуклеарното оружје не може да се користи, нуклеарната војна не може да се води“, рече кинескиот лидер Си Џинпинг минатата недела. И покрај помирливата реторика на клучниот руски сојузник, Украинците се подготвуваат за најлошото.
Украинците добиле детални инструкции
Властите во регионот на Киев имаат стотици засолништа кои би можеле да се користат во случај на нуклеарен напад. Олексиј Кулеба, началникот на воената администрација на главниот град, рече дека засолништата се под земја, имаат вентилација, два влеза и дека до 15 ноември треба да бидат опремени со радио уреди, кои треба да претставуваат средство за комуникација во случај на нуклеарен напад.
Украинските власти неодамна објавија детални инструкции за тоа како да се однесуваат во случај на нуклеарен напад, со инструкции изготвени врз основа на искуството од нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година. Граѓаните добиле инструкции да не гледаат во насока на експлозијата, да ги покриваат ушите за да се спречи оштетување од ударниот бран и да се отстрани облеката што била изложена на радијација.
На почетокот на октомври, администрацијата на главниот град објави дека Киев има доволно таблети калиум јодид, лек кој помага да се спречи апсорпцијата на радиоактивен јод, да се дистрибуираат до медицинските установи и до матичните лекари. Украинските војници кои се борат на фронтот добиле таблети со калиум јодид и обучени се како да се однесуваат во случај на нуклеарен напад.