Ана Ивановиќ го замени рекетот со нов бизнис/ВИДЕО

212

Познатата српска тенисерка Ана Ивановиќ одамна го остави рекетот, а сега се впушти во нов бизнис – козметика. Под слоганот „Природно. Ефикасно. Одржливо.“, познатата тенисерка го лансираше козметичкиот бренд „Ana Ivanović Natural Performance“.

За време на нејзината лична потрага по високо ефикасна и еколошки свесна линија за нега, која би понудила едноставни решенија за широк спектар на проблеми и за сите типови кожа, Ана решила да развие сопствен козметички бренд. Ана ја промовираше својата прва козметичка линија, која се базира на природни состојки. На веб-страницата, каде што може да се набави козметиката, стои дека се работи за природна козметичка линија за нега на кожа, без животински состојки.

„Од љубов кон себе, својата кожа и својата околина“ е мотото на нејзиниот бренд кој нагласува: Негата на кожата е и грижа на планетата.

„Целиот тим на „Ana Ivanović Natural Performance“ искрено се грижи да даде конкретен придонес за нашата прекрасна планета. Затоа работиме со што е можно помалку ресурси и материјали во текот на развојот на производот. Ова се однесува од изборот на суровини до материјали за пакување. Се разбира, не правиме никакви компромиси кога станува збор за ефективноста и природноста на негата на кожата. Бидејќи негата на кожата е грижа за планетата“, се наведува на веб-страницата на козметичката линија, која е на англиски јазик.

Ана се збогуваше од активната спортска кариера, а сега е особено присутна надвор од теренот. Сè повеќе се посветува на активностите на амбасадор на УНИЦЕФ, на своето семејство, а сега и на нејзиниот бренд „Ana Ivanović Natural Performance“.