Владите на Бугарија и Полска ги повикаа своите граѓани кои се уште се во Русија веднаш да ја напуштат земјата.
Според „Гардијан“, ова би можело да биде потег што ќе доведе до уште поголеми гужви на граничните премини, со оглед на тоа што се повеќе луѓе бегаат од Русија поради мобилизацијата.
Во соопштението во вторникот, Министерството за надворешни работи на Бугарија ги повика граѓаните на таа земја „да се воздржат од патување во Руската Федерација“ и ги советува бугарските државјани во Русија „да ја разгледаат можноста да ја напуштат земјата што е можно поскоро, користејќи ги моментално достапните транспортни средства“.
Слично соопштение даде и полското Министерство за надворешни работи, пренесоа полските медиуми.
„Во случај на драстично влошување на безбедносната ситуација, затворање на границите или други непредвидени околности, евакуацијата би можела да биде значително потешка, па дури и невозможна. Им препорачуваме на граѓаните на Полска кои се на територијата на Русија да ја напуштат нејзината територија користејќи ги достапните комерцијални и приватни транспортни средства“, се вели во соопштението на полското Министерство за надворешни работи, пренесе Танјуг.