Епископ г. Партениј сослужуваше на торжествена Литургија на Светиот Гроб Господов

49

Епископ г. Партениј, кој со дел од од бигорското братство е во посета на Ерусамлиската патријаршија сослужуваше на торжествена Литургија на Светиот Гроб Господов.

– Да се стои во местото каде што лежело пречистото Тело на Несместливиот, во теснината што го собрала оној кој вселената ја распростел, е дело единствено на Божјата безгранична милост. Сесветиот и Живоприемен Гроб Господов. Тој тесен простор, каде што човек мора да ја наведне главата, ако сака да влезе во него и мора да ја снижи гордоста, ако сака да ја почувствува неговата благодат во срцето свое, е вруток на некоја чудесна и необично силна енергија, која ја зајакнува верата, ја обновува надежта, ја засилува љубовта. Тоа е светилник од кого во бескрајот се шират животворните зраци на победата Христова. Тоа е светлоносен факел кој го радува и стоплува срцето, внесува утеха, озарува со светлина, вселува неискажлив спокој, велат од Бигорски.

Кога, пак, таму, на тоа пресвето место, на Гробот на покојот Христов, каде што „Единородниот син Божји отпочина од делата Свои“ и Тридневен воскресна, се служи Таинството на Тајната Вечера, кога на жртвеникот врз кого била положена плотта Исусова се совршува бескрвниот литургиски принос на Телото и Крвта Христови, додаваат од манастирот, тогаш зборовите престануваат да дејствуваат, а само тишината на внатрешноста на неопислив начин ја созерцава големата тајна на нашето спасение.

-Да молчи секоја плот човечка и да стои со страв и трепет и ништо земно да не помислува…“ Никој не зборува така како што ни говори сега Христос со Своето молчење, и доколку го слушнеме тоа безмолвие Божјо, ќе ни биде дадено да ја осознаеме Неговата победа која веќе е остварена. А блесокот на таа победа на Животот над смртта ги осветлуваше нашите души на синоќешното воскресенско бдение и на Литургијата во Сесветиот и Живоприемен Гроб Господов, во сечесниот Храм на Воскресението, на која, со благослов на Неговото Блаженство, Патријархот Ерусалимски г. г. Теофил, на нашиот многупочитуван и Блаженејши Архиепископ г. г. Стефан и секако, на нашиот сакан и Високопреосветен Митрополит г. Тимотеј, сослужуваше возљубениот ни Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, нагласуваат од Бигорски манастир.

Владиката Партениј богослужел заедно со Архиепископот Јераполски г. Исидор – Игумен на Братството на Сесветиот Гроб, кој воедно чиноначалствуваше со свештенодејствието, Митрополитот Неврокопски г. Серафим од православната Црква на Бугарија и Епископот Сердопски г. Митрофан од православната Црква на Русија.

– О, кога би можело да се искаже со зборови милоста со која Бог ја удостои нашата најсвета Охридска Архиепископија, та по толку столетија, архиереј од нејзините бедра да застане и да служи во Гробот од кого изгреа Воскресението и спасението на светот! И беше тоа навистина воскресение славно за сите чеда на Светиклиментовото достојание, бидејќи молитвата на нашиот Старец пред вратата со која беше отворена вечноста беше токму таа: благослов, просветление, душевно и телесно здравје, Христов спокој и радост за чедата на Црквата наша, како и „соединување на светите Божји Цркви“, според Спасителовата молитва „за сите едно да бидат“ (Јован 17,21), додаваат од Бигорски.

Покрај светите Архијереи, собрани околу Свештената Кувуклија, служеа и многубројни свештенослужители од повеќе помесни православни Цркви, а меѓу нив и нашите собраќа Архимандритот Доситеј и јеромонахот Кирил, потпомогнати од типикарот и канонарх отец Аверкиј, додека јеромонахот Анатолиј, со својата препознатлива умешност во источно-православното црковно пеење, ја збогати торжественоста на богослужението, придружувајќи им се на отците псалти на певницата.

Во Божествената Евхаристија молитвено учествувале илјадници верници, причесници во света Чаша Господова, од разни земји на светот, кои буквално го преполниле Храмот на Воскресението.

– Меѓу нив, пак, на наша голема радост, имаше и поклоници откај нас, кои допатуваа посебно заради овој исклучителен и свештен настан. Живоприемниот Гроб Спасителов и оваа воскресенска ноќ, како и секогаш низ историјата, се покажа обединител на сите народи во љубовта Христова, а од него славословија кон Бога прозвучија на повеќе јазици. Беше ова, бездруго, уште едно историско сеправославно торжество, кое во благодатта и љубовта што зрачеше од него наликуваше на вистинско пасхално славје, велат од Бигорски манастир.