Вработените од Министерството за култура посочуваат дека е интересно што нивното барање за зголемување на платата е одбиено од Министерството за финансии, со образложение дека е економска криза. Само еден ден подоцна, додаваат, излезе новиот Закон за буџетите со кој, нивните колеги вработени во Министерството за финансии, им се обезбедува трајно зголемување од 30 проценти на основната плата, како надополнување на редовната плата од 1 јануари 2023 година?!

 

Барањето на вработените во Министерството за култура за зголемување на платата по разни основи, како дополнителна работа, неискористени денови за годишен одмор, како и право на неплатено отсуство…, кое би се регулирало со Колективен договор, деновиве доби негативен одговор од министерот за финансии Фатмир Бесими. Како што велат, во писмото кое пристигнало до нив од Министерството за финансии, како основна причина за одбивање на барањето се наведува – економската криза.

Од Министерството за финансии се посочува дека согласно Законот за буџетот, „буџетските корисници не смеат да преземат обврски или да направат расходи над лимитот на одобрените средства со Буџетот“.

Истовремено, во писмото се напоменува дека продлабочувањето на енергетската криза во светски рамки се одразува и врз економијата на нашата држава и остварувањето на предвидените стапки на економскиот раст.

„Во такви услови фискалната политика е насочена кон зачувување на макроекономската стабилност и спроведување на рестриктивна буџетска потрошувачка во согласност со реалните можности на страната на приходите и  ефикасно управување со јавниот долг, без притоа да се предизвика неоправдано зголемување на долгот до ниво кое може да ја загрози стабилноста на економијата и економскиот раст во државата. Имајќи предвид дека примената на Колективниот договор предизвикува фискални импликации за кои не се планирани средства во буџетот на Министерството за култура за 2022 година, Министерство за финансии дава негативен одговор“, стои во писмото потпишано од министерот Бесими.

Од Министерството за култура посочуваат дека е интересно и дискутабилно што само ден подоцна во „Службениот весник“ бр. 203/2022 излегува новиот Закон за Буџетите со кој, нивните колеги вработени во Министерството за финансии, трајно ги решиле своите права од работен однос.

„Имено согласно член 66, став 3 од Законот, на вработените од Министерството за финансии им се обезбедува трајно зголемување од 30 проценти на основната плата, како надополнување на редовната плата, почнувајќи од 1 јануари 2023 година. Ова решение е за поздравување и претставува законски модел, како работодавецот ги унапредува и зголемува правата на своите вработени“, велат нашите извори од Министерството за култура. (Р.К.)