Пандемијата наскоро ќе заврши, но само доколку не се појави нова мутација на вирусот, посочуваат светските лекари. Од Европската агенција за лекови (ЕМА) сметаат дека не е крај на пандемијата и препорачуваат земјите членки на ЕУ да се имунизираат со новите вакцини. Во Македонија е релаксирано, опаѓа бројот на инфекции, во моментов околу 600 лица се активни на вирусот. Статистиката на ИЈЗ покажува дека со една доза на вакцина во земјава се вакцинирани 59,5% од населението над 18-годишна возраст, односно 55,2% од население над 12-годишна возраст, додека од вкупното население вакцинирани се 47,7%.
Позитивни проценки на лекарите од Светска здравствена организација, кои сметаат дека пандемијата наскоро ќе заврши, но само доколку не се појави нова мутација на вирусот. Од СЗО, сепак, укажуваат дека пандемијата останува глобална криза, а секоја држава се справува со свои алатки и на свој начин. Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, смета дека светот никогаш не бил во подобра ситуација да стави крај на пандемијата на ковид-19.
– Го гледаме крајот кажа деновиве, изјави Гебрејесус. Тој препорача постојано следење за брзо идентификување на новите варијанти.
Тој апелира до сите да добијат бустер доза против ковид-19 пред зимата.
Деновиве претседателот на САД, Џо Бајден, прогласи крај на пандемијата во САД. Од Европската агенција за лекови ЕМА реагираат и велат дека сè уште не е крај на пандемијата и препорачува земјите членки на ЕУ да се имунизираат со новите вакцини.
Во Македонија состојбата со вирусот е стабилна и во моментов околу 600 лица се активно позитивни на ковид. Според Институтот за јавно здравје, во периодот од 12 до 18 септември, регистрирани се 665 нови случаи на ковид-19 од кои најмногу 389 во Скопје. Оздравени се 602 лица низ земјава, а највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци и во Кратово.
Во овој период пријавени се 185 реинфекции, што пак е зголемување од 14,2% во однос на претходната недела. Од почетокот на пандемијата, заклучно до 18 септември 20.221 наши сограѓани по втор или третпат се инфицирале од вирусот. Тоа е 5,9% од вкупниот број на заразени во земјава од почетокот на пандемијата.
Според СЗО, земјава е во фаза на широка трансмисија, под ниво 1, со соодветни капацитети за одговор. Статистиката на ИЈЗ покажува дека со една доза на вакцина во земјава вакцинирани се 59,5% од населението над 18-годишна возраст, односно 55,2% од население над 12-годишна возраст, додека од вкупното население вакцинирани се 47,7%.
Опфатот со две дози на вакцина против ковид-19 кај населението над 18-годишна возраст изнесува 58,2%, односно 54 % кај население над 12-годишна возраст. Од вкупното население имунизирани се 46,6% со две дози. Опфатот со трета доза, кај населението над 18-годишна возраст, изнесува 11,1%, додека кај населението над 12-годишна возраст е 10,2%.
Мал е опфатот со трета доза на вкупното население, изнесува само 8,8%, а со четврта доза се вакцинирани вкупно 0,6% од населението над 18-годишна возраст, односно 0,5% од населението над 12-годишна возраст. Опфатот кај вкупното население изнесува само 0,4%.
(В.Ма.)