Ангеловска-Бежоска: Народната банка презема соодветни мерки за справување со инфлацијата

42

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска денеска имаа работна средба со евроамбасадорот Дејвид Гир, шефица на Економскиот оддел при Делегацијата на ЕУ, Мари-Мадлен Канелопулу и економскиот советник во Одделот за операции при Делегацијата на ЕУ, Алесандро Занота.

На средбата е разговарано за актуелните економски случувања и за последиците врз европската и домашната економија од војната во Украина и од енергетската криза. Посебно внимание, како што посочуваат од Народната банка, било посветено на улогата на централните банки во справувањето со инфлацијата, којашто е сè позначајна во сите земји во светот.

– На средбата заеднички беше утврдено дека силниот и долготраен шок врз глобалните цени на енергесите и храната и натаму е главниот фактор што ги подгрева глобалната и домашната инфлација. Ова е особено изразено во малите и отворени економии, како македонската, во коишто голем дел од производите се увезуваат, а храната и енергијата имаат големо учество во вкупната потрошувачка. Поради силината и времетраењето на шокот, централните банки ги зголемуваат каматните стапки, се наведува во соопштението.

Евроамбасадор Гир оцени дека Народната банка постепено ја зголемила основната каматна стапка со цел да ја намали инфлацијата

Во оваа смисла, Народната банка одлучи постепено да ја зголемува основната каматна стапка, со цел да ја намали инфлацијата, како што впрочем реагираат и многу други централни банки, вклучително и ЕЦБ, посочи евроамбасадорот Гир.

Организирана беше и посета на музејската изложба на Народната банка посветена на културното наследство, претставено преку тековното издание на македонските книжни пари. Изложбата „В/редности и вредности“ е организирана како дел од активностите со коишто Народната банка ја одбележува 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство.

– Народната банка остварува плодна соработка со Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија во спроведувањето на својата стратегиска ориентација и во процесот на усвојување на најдобрите практики и стандарди коишто сѐ повеќе ја приближуваат до Европскиот систем на централни банки, се наведува во соопштението.