На власта ѝ се потребни уште шест пратенички гласа за да обезбеди поддршка за уставните измени и со тоа да го исполни условот за отворање на поглавјата во рамки на преговорите за влез во ЕУ. Но, внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав не значи и крај за бугарските блокади за македонските евроинтеграции, бидејќи се бара усогласување на историјата. Шефот на бугарскиот тим од Заедничката историска комисија, Ангел Димитров, е незадоволен од досегашното темпо на работа и бара „сериозни измени“ во македонските учебници. На неговите критики возврати поранешниот амбасадор во Бугарија, Ѓорѓи Спасов. Тој повикува да биде побарана смена на Димитров во интерес на добрососедските односи.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, синоќа, во телевизиско гостување, изјави оти уставните измени ќе може да се обезбедат со гласовите на уште шестмина пратеници од опозицијата, кои недостигаат за двотретинско мнозинство. Според него, овие шестмина пратеници потребни за уставните измени ќе се најдат од редовите на опозицијата која, како што рече, е составена од повеќе партии внатре во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а оти таму има проевропски пратеници кои ќе гласаат за промените.
– Сега имаме 74 пратеници, 64 владината коалиција, осуммина од Алијанса за Албанците и двајца од БЕСА. Уште шестмина ќе најдеме кај опозицијата. Контакти со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ имаме секој ден, дел од нив ќе гласаат, убеден сум – децидно одговори Груби.
Но, според информациите што доаѓаат од Софија, уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот Устав не се последниот услов за отстранување на сите бугарски блокади на македонскиот пат кон Брисел. Во последно време, сè погласно се бара и усогласување на македонско-бугарската историја, што е во надлежност на мешовитата Комисија. Но, токму шефот на бугарскиот тим во Комисијата, Димитров, смета дека нема подготвеност за промена на учебниците во Македонија, иако тоа може да се случи веднаш.
– Јасно можев да ја видам загриженоста на дел од колегите, бидејќи некои од нив рекоа дека се подложени на закани и притисоци кога менуваат нешто во својата позиција. Гоце Делчев е постојано во нашата програма, веќе трета година и не стигнуваме до него, всушност, не се разговара за тоа – изјави Димитров за БНТ.
Тој додава дека забелешките за бугарските учебници од македонска страна биле општи, не допирале важни работи во толкувањето и биле пуста желба, додавајќи дека македонската страна треба да направи „сериозни измени во нивните учебници“.
– Ова треба да се направи веднаш. Учебниците може да се дополнат и без да се печатат нови – коментира проф. Димитров.
На овие негови постојани критики денеска се огласи професорот Спасов, поранешен амбасадор во Бугарија, барајќи Димитров да биде сменет, бидејќи шири лаги и користи говор на омраза кон членовите на македонскиот тим.
– Има ли некој? Има ли некој во Македонија што ќе побара Бугарија да го смени Ангел Димитров од Историската комисија во интерес на добрососедските односи? Има ли некој што ќе ѝ предочи на бугарската страна дека тој систематски шири лаги и користи говор на омраза кон членовите на македонскиот дел од Комисијата и кон Македонија и Македонците? Има ли некој да им јави дека тој човек не заслужува елементарно почитување, а не пак да се разговара со него за историски прашања? Има ли медиуми кои ќе престанат да ги објавуваат неговите навреди и обвинувања кон Македонија и кои ќе остават глупостите и омразата да си ги користи само за домашна употреба и за јавност која сака да биде отруена од неговиот говор на омраза и шовинизам?“ – напиша Спасов на социјалните мрежи.
Тој смета дека е невозможен договор со ваквото однесување на Димитров.
– Со таков расипан преговарач нема никогаш да се постигне каков било договор. А, можеби, и не сакаат. Ако не го сменат, тоа им е целта. И тоа треба да го знаеме. Но, како и да е. Можеби, би било паметно да престане работата на комисиите до завршувањето на скринигот и до очекуваната промена на Уставот. Со однесувањето и со ставовите на Ангел Димитров, се загрозува и тоа што е постигнато и што се очекува како услов за напредок – заклучува Спасов.
Вакво назадување во односите меѓу Скопје и Софија покажа и истражувањето спроведено од фондацијата „Конрад Аденауер“, во август над 1.111 испитаници, кое покажа дека за 44 отсто од нив, Бугарија ѝ е најголем непријател на Македонија. Во однос на „францускиот предлог“, што беше предуслов за тргнување на ветото на Бугарија за почеток на преговорите со Унијата, 57 отсто од испитаниците сметаат дека не е прифатлив.
(И.С.)