Механизмите на ЕУ за енергетската криза треба да ги вклучат и земјите од Западен Балкан, се согласуваат Матарела и Пендаровски

24

Треба да изнајдеме механизми во ЕУ за справување со оваа заедничка  енергетската криза кои треба да ги вклучат и земјите од Западен Балкан во решенијата кои се однесуваат на на природниот гас, изјави италијанскиот претседател Серџо Матарела на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин претседателот Стево Пендаровски во Скопје.

Според Матарела, кризата со незамисливиот и голем пораст на цените на енергенсите, ги загрижува семејствата и секојдневниот живот на семејствата и на компаниите, го компромитира нивниот начин на функционирање. Италија, рече тој, пред четири месеци и предложила на ЕУ да постави максимална цена на вредноста на гасот, но додаде, дури сега некои земји се увериле дека тоа е неопходно.

-Доколку тоа се прифатеше пред четири месеци кога ние го предложивме сега ќе се избегнеа некои други последици. Мора да се оди понатаму. Треба да се соочиме со некои итни прашања во ЕУ. Значи, треба да ги заштитиме семејствата и фирмите од шпекулации, политички и финансиски. И постои друга потреба, а тоа е пред толку големи проблеми кои ниедна држава не може сама да ги реши. Треба да изнајдеме механизми во ЕУ кои треба да ги вклучат и земјите од Западен Балкан во оваа заедничка иднина, заедничка криза и решенија кои се однесуваат на хидроген и гасот. Но, овие решенија треба да дадат и други решенија на кризата, а тоа е намалување на последиците на порастот на цените. Европа многу бргу треба да работи на алтернативи решенија во споредба со гасот кој доаѓа од Русија. Значи, треба да работи на алтернативни енергии и треба да избегне преговарање со оние што ја набавуваат, односно ја нудат таа енергија, треба да наоѓа независни решенија. Италија набргу треба да стане независна од рускиот гас, рече Матарела на новинарско прашање подвлекувајќи дека механизмите подготвени од ЕК треба да ги вклучат и земјите од Западен Балкан.  

Претседателот Пандаровски потсети дека завчера во Скопје зборувал и со претседателката на Словачка Зузана Чапутова која е исто членка на ЕУ и побарал помош за справување со енергетската криза, која ги погодува сите земји, при тоа изрази надеж дека тоа ќе биде дополнителна помош за земјата покрај заклучоците донесени на Советот за безбедност со оглед на застарените капацитети со кои располагаме.

-Слично како за вакцините кога имаше паневропски механизам за дистрибуција на вакцините и овој пат ние веќе предложивме, иако не сме членка на ЕУ на сличен начин Унијата да ни помогне нам на сите шест земји од Западниот Балкан. Имаме поддршка од Словачка во таа насока, италијанскиот колега Матарела рече дека ќе се заложат за истиот пристап. И најголемите држави не можат да се справат самостојно со оваа криза. Италија е во групата на седум најмоќни економии во светот повторно бара механизми пошироки на Европскиот континент кои ќе и помогнат. Опремата е стара, ресурсите се тие, експертите кои ги консултиравме тоа го потврдија. Премиерот кога ги објавуваше сите тие мерки кажа дека старата опрема ќе биде лимитирачки фактор. Јас се надевам една од овие како ги нарекувате бекап варијанти може да биде и мора да биде помошта од ЕУ, нагласи Пендаровски.