Со оглед дека цените на енергенсите дивеат, потрошувачите на цврсти горива веќе одамна почнаа да се снабдуваат со огрев за зимата, и тоа многу порано од претходните години. Калкулациите велат дека и оваа грејна сезона најисплатливо ќе биде затоплувањето со огревно дрво иако цената на еден кубик достигна 5.000 денари. Иако струјата поскапи, за затоплување на површина од 60 квадрати, на едно домаќинство во грејната сезона ќе му бидат потребни околу 6.000 денари месечно
Плашејќи се од зимата и студените денови што набрзо ќе стигнат, а за да имаат топол дом, потрошувачите ќе почувствуваат поголем удар по џебот. Поскапувањето на енергенсите, недостигот на работна сила и зголемената побарувачка влијаат на цените на огревот и оттука луѓето прават пресметки кој ќе им биде најекономичниот начин на греење во претстојнава зима.
Калкулациите велат дека и оваа грејна сезона најисплатливо ќе биде затоплувањето со огревно дрво. Според пресметките, просечно греење на површина од 60 квадрати со дрва би чинело 30.000 денари (за една грејна сезона се потребни околу 6 кубици дрва, а сегашната цена изнесува околу 5.000 денари за кубик). За затоплување со електрична енергија, едно семејство во грејната сезона би требало да издвои околу 36.500 денари.
За затоплување со централно греење (оваа опција ја имаат околу 60 илјади корисници во Скопје), за истата квадратура, би плаќале по 2.900 денари месечно, со забелешка дека корисниците 12 месеци ги плаќаат сметките за парно – и за време на грејната сезона и надвор од неа. За греењето на пелети за една шестмесечна сезона, на едно домаќинство му се потребни околу 10 тони пелети. Сегашната цена се движи околу 400 евра за тон.
Со оглед дека цените на енергенсите дивеат, потрошувачите на цврсти горива веќе одамна почнаа да се снабдуваат со огрев за зимата, и тоа многу порано од претходните години. Тоа го потврдуваат од стовариштата, од каде што велат дека се обидуваат да ја задоволат побарувачката поради тоа што купувачите се плашат од немање струја.
– Оваа година почнавме со продажба на огревно дрво многу порано, дури во мај. Луѓето се збунети бидејќи не знаат дали струјата ќе се редуцира, па затоа се подготвуваат предвреме. Често пати немаме доволно дрва поради големата побарувачка, но се обидуваме да ги опслужиме сите. Некој пат замолуваме да нè почекаат неколку дена додека да се снабдиме – вели еден продавач на дрва.
Тој вели дека цените на дрвата што ги набавуваат од државните шумски стопанства не се променети од лани, но поради повисоката цена на нафтата и на работната сила (работниците се двојно повеќе платени од порано), кубик дрво сега чини поскапо. Сега, со целата услуга, цената е од 4.700 до 5.000 денари, што вклучува и сечење и достава до дома, со сета комплетна услуга до куќа.
Огревно дрво по поевтина цена може да се купи преку оглас, но ако самите си обезбедите транспорт. Ако се погледне во огласите, ќе се забележи дека приватни лица продаваат огревно дрво, и тоа багрем по цена од 3.120 денари без транспорт или 4.000 денари со вклучен транспорт. Трупци брест може да се најдат по 3.400 денари, а несечени дрва кајсија и смоква – по 2.000 денари.
Од ЈП „Национални шуми“ велат дека има зголемување на побарувачката, поради што производството е зголемено и имаат зголемени трошоци. Поради тоа бараат од Владата да им одобри да поскапи огревното дрво за 20%.
Расте побарувачката и за пелети, како што расте и нивната цена, која се движи од 370 до 420 евра за тон. За споредба, за ланската летна сезона, пелетите чинеа 170 евра за тон.
– Пред две години, почнавме да се грееме со пелети, поради тогашната прифатлива и економска цена. Оваа година, набавивме плети многу порано откако слушнавме дека скокаат цените. Ако навреме не набавевме огрев, сега ќе моравме да платиме околу 400 евра за тон – вели една купувачка.
Со цел да ја смири галопирачката цена на огревното дрво и на пелетите, Владата донесе одлука за забрана за извоз на огревно дрво и пелети од 22 јули до 31 декември. Исто така, Владата деновиве ја определи највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата за огревно дрво од даб и од бука, како и на пелети за огрев во висина најмногу до 10%.
Таа ќе важи за сите трговски друштва и трговци поединци што учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на мало, а транспортот за испорака на стоките до крајните потрошувачи не се пресметува во висината на трговската маржа.
Причината за ограничување на трговската маржа се заснова на усогласување на разликите во цените што сега се присутни во трговијата на мало, односно при продажба на огревно дрво и пелети за огрев.
(С.Бл.)