Од ехото на камбаните во Крушево до денеска – нови векови, исти предизвици

520

Илинден, празникот кој оставил трајни спомени во македонската национална меморија и годинава го одбележуваме со разединети власт и опозиција, со поларизирана јавност. Тие, како да не го слушаат ехото на камбаните во Крушево кои во 1903 година, на полноќ спроти Илинден го објавија Илинденското востание. Тогаш, пред точно 119 години, околу 800 востаници го ослободија градот, а по два дена била прогласена Крушевската Република со Никола Карев за нејзин претседател. Слободната република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

На Илинден, 41 година подоцна, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“, кај Куманово, 115 делегати го одржаа Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Избран бил Президиум на АСНОМ, на чело со Методија Андонов-Ченто. На Заседанието биле усвоени неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

Македонија денеска останува држава на предизвици, на самодокажување на борба за идентитет, за зачувување на македонскиот јазик, заробени меѓу минатото и иднината. Историчари, професори, амбасадори, аналитичари… за весникот ВЕЧЕР одговараат на прашањето: Во каква општествено-политичка констелација годинава го одбележуваме големиот Илинден?

 Проф. д-р Тодор Чепреганов : Тотална поделеност во општеството, пред се меѓу Македонците

Илинден е еден од најголемите национални празници на македонскиот народ и се разбира дека би требало да се прослави со највисоки државни обележја. Тоа е празник кој, пред сè, треба да покаже единство меѓу политичките елити, а со тоа и меѓу народот, како и сплотеност меѓу сите политички гарнитури и партии. Самиот факт што Илинден му припаѓа само на македонскиот народ, чествувањето треба да биде најдостоинствено и да им се даде заслужена почит на сите оние кои што ги положија своите животи за независна и самостојна македонска држава. Но, за жал, сведоци сме на тотална поделеност во македонското општество, пред сè меѓу Македонците. Она што можеме да го добиеме како информација, гледајќи како политичкиот и државниот врв се однесуваат кон прославата на Илинденското востание, е дека тие како да сакаат да кажат, што мора ли ова да го славиме, добра ни е комоцијата што ја имаме. Некако како да им претставува товар на политичкото и државното раководство, па по службена должност како да мора да присуствуваат. Наместо како секој национален празник, кој се чествува секаде во светот, да се покаже обединетост, празниците кај нас се партизираат и ја покажуваат разединетоста по сите основи. Тоа е само показател на нашиот однос кон Илинден и сите други празници. Наместо обединување пред жртвата на хероите на Илинден и другите празници, јасно се покажува поделеност и неединство.

Проф. д-р Александар Нацев: „Францускиот предлог“ предизвика апатија кај населението

Овој Илинден, како никогаш досега, го дочекуваме во една крајна општествена исполитизираност и нагласен антагонизам помеѓу разните политички чинители (политички партии, здруженија на граѓани, дијаспора, академска заедница и сл). По прифаќањето на т.н. „француски предлог“, нашето општество сè уште не може да се соземе од најновите случувања на политичката сцена, а евидентна е и забуната, односно апатијата кај населението, како и дисонантните тонови кои ги слушаме од власта и разните наративи со кои пробуваат дополнително да ги презаситат информацискиот простор, со цел да ги прикријат своите лаги (да се сетиме на неколкукратното „добивање датум“, скринингот кој од 2018 наваму неколку пати почнува и сл., па приватната забава во Клуб на пратеници). Дополнително, имаме преседан во кој претседателот на државата бега од своите граѓани, и првпат си слави Илинден во својата резиденција, затоа што знае што го чека доколку се појави меѓу народ (како на Галичник). Се надевам дека ова е најлошото коешто може да биде, и дека следниот Илинден ќе го дочекаме во многу подобра ситуација.

Синиша Пекевски, аналитичар: Има политичари кои наместо да обединуваат уште повеќе го делат општеството

„Поделеноста во општеството се чувствува на секое поле и празниците наместо да нè зближуваат, тие уште повеќе нè разединуваат. Дополнително тука е и проблемот со Бугарија во делот на историјата и признавање- непризнавање на одредени историски факти само ја усложнува целата ситуација и нè разединува како нација. На жалост и актуелните политичари многу лошо се справуваат со новите предизвици и наместо да ја премостат таа нетрпеливост помеѓу граѓаните, тие изнаоѓаат нови начини на чествување на големите празници и прават уште поголем јаз во општеството. Имаме политичари кои наместо да обединуваат, тие бегаат од одговорност и уште повеќе го делат општеството. Од година во година сè помалку значение им се дава на настани и датуми од историјата од страна на властите заради ситни партиски и политички поени и додворување на странски политичари.

Амбасадорот Ивица Боцевски: „Северна“ – со целосно нова симболика, култура, историја, јавни белези…

За жал, веќе ништо не може да го промени заклучокот дека Зоран Заев по 2017 година гради сосема нова нација, „Северна …“, со целосно нова симболика, култура, историја, јавни белези и така натаму. Една од точките каде што се разградува Македонија и се воведува „Северна …“ се и националните празници. За реализација на нивната идеја за востоличување на „Северна …“, со некој нејзин „мултиетнички народ“, како што велеше Заев, потребно е целосно да потонат во заборав датумите што го одбележуваат илинденското и асномското минато на македонскиот народ, да се прогони сеќавањето на настаните коишто ја градеа илинденска и АСНОМ-ска Македонија, од којшто најсветол празник е самиот Илинден.

Покрај тоа, оваа власт е свесна дека не смее да се појави на ниту еден јавен настан, без да виде извикана, исвиркана и понижена од сопствените граѓани. Тоа му се случи на Пендаровски дури и во неговиот роднокрајски Галичник. За несреќа, самиот шеф на државата е еден од најпламените приврзаници на идејата на Заев за воспоставување нова нација, па затоа лани немаше јавно обраќање пред народот на Мечкин Камен, туку „видеопорака“, а годинава Пендаровски избра целосно да го игнорира Илинден и да си тера викенд, на тој начин погазувајќи ја основната улога на претседателот – да биде олицетворение на државата, обединител и главен жрец на националната митологија на сопствената земја. По првпат од 1944 година, шефот на македонската држава го нема никаде на Илинден, ни во Прохор Пчињски, ни во Крушево, па дури ни во Скопје. Ако ова не е национален скандал од прв ред, тогаш не знам што е национален скандал!

Проф. д-р Марјан Ѓуровски: Потребна ни е авангарда на новото време

Зад нас се три децении самостоен и независен безбедносен систем, треба да учиме од нашите успеси, но и од предизвиците и од грешките со цел да се изградат сопствени поцврсти заедници, малку генерации имаме кои биле вистински победници, нам ни требаат луѓе кои ќе победат, за тоа ни треба систем, силен, со визија, кој ќе ги има сите брзини. Треба да бидеме генерацијата со која државата ќе се гордее, потребна ни е авангарда на новото време. Професионалците кои сè уште се денес во безбедносниот систем и моите студенти за неколку години треба да бидат шампионите на новото време! Токму ние треба да бидеме генерација, која со своето однесување ќе биде пример за следните поколенија!

Влатко Стефановски има една песна што се вика „Деца на сонцето“. И во таа песна тој пее дека ние сме деца на сонцето и сите сме фатени на орото, некој игра, некој само се сопнува. Оваа колумна ја посветувам на моите студенти кои денес и утре треба да бидат насушна потреба на безбедноста, одбраната, правниот и политички систем и заслужуваат достојно внимание и шанса во безбедносниот систем за да придонесат за безбедносно утре, зошто имаат и знаат што да покажат и затоа што нивна заветна е само татковината, во која живеат и се школуваат.

Ниското ниво на дискусија помеѓу носителите на значајните општествени сегменти го потврдува недостатокот на вистинска дебата за клучните елементи од македонското живеење, независно што како држава сме имале раст на демократскиот индекс. Повеќе сме свртени кон минатото и оптоварени со него. До кога мртвите ќе управуваат со животите на живите?!

Проф. д-р Марко Китевски:  Свети Илија се смета за клучар на небото, го пушта или запира дождот

Илинден или Свети Илија е голем верски празник. Позначајните христијански празници кај македонскиот народ, начините на нивно славење и верувањата поврзани со нив ги содржи книгата „Македонски празници и празнични обичаи“ на проф. д-р Марко Китевски, каде што за свети Илија е запишано дека во народното верување се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици.

„Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да биет ровја, св. Илија трчал со кочијата по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај ќе удрело ќе расипело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе ѝ се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет“. Китевски потсетува и на химната „Илинден“ зачувана од македонскиот композитор и диригент, фолклорист, собирач на македонски народни песни Јосиф Чешмеџиев, а која почнува: Илинден, Илинден, ти си наш Велигден. (Е.А.)