Гутереш: Загрижувачки е што војната во Украина го оттргна вниманието од климатските активности

58

Климатските активности треба да бидат главен приоритет за сите земји ширум светот и покрај новите регионални конфликти, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во интервју за Гардијан.

„Загрижувачки е тоа што војната во Украина го оттргна вниманието од климатските активности. Треба да направиме се што можеме за да ја вратиме климата на врвот на нашата колективна агенда“, рече Гутереш.

Генералниот секретар на ОН истакна дека е особено загрижен поради растечката нееднаквост меѓу Северот и Југот.

„Нееднаквостите продолжуваат да растат во земјите, но сега тие растат на морално неприфатлив начин меѓу Северот и Југот, а тоа создава поделба што може да биде многу опасно од гледна точка на мирот и безбедноста“, рече Гутереш.

Коментирајќи ги плановите на некои членки на ЕУ за зголемување на употребата на јаглен по санкциите против енергетските ресурси на Русија, генералниот секретар на ОН рече дека се надева оти европските земји ќе ги одржат своите ветувања против загадувањето на долг рок.

„Јагленот е непријател број еден на климатските активности. Се надевам дека периодите во кои некои земји согоруваат повеќе јаглен ќе бидат многу кратки“, рече тој.