Веќе од вториот викенд во јули се очекува сите продавници во туристичките места да ги отворат вратите, откако во изминатите шест месеци беа под клуч поради тоа што за нив недела беше неработен ден.
Со измените на Законот за трговија. што Собранието ги усвои на почетокот на неделава, опфатот на трговците кои можат да работат во недела со тоа што на вработените ќе им исплаќаат за 100 проценти зголемена дневница, се прошири на оние во туристичките места, предвидени со Законот за туристичка дејност.
Во јавноста се создаде забуна околу тоа кое место има третман на туристичко, а кое не, што остава простор за изигрување на новите правила за работа во недела. Но, законот за трговија прецизно определува што е туристичко место, правејќи поделба на езерски и планински туристички места, места каде што се практикува рурален и алетернативен туризам, потоа туристички атракции, како на пример старите чаршии, а како туристичко место го опфаќа и Скопје, односно одредени негови делови. Така, како езерски туристички места се наведени Охрид, Струга, Дојран и Преспа. Како планински туристички места се наведени Попова Шапка на Шар Планина, Маврово на Бистра, Нижеполе и Копанки на Пелистер, Крушево, Бушева Планина и Пониква на Осоговските Планини. Како места за алтернативен и рурален туризам во Законот се набројани само Берово, Брајчино и Вевчани. Во Скопје како туристичка дестинација, третман на туристички места имаат само Старата чаршија, плоштадот, кањонот на Матка и Калето. Во стари чаршии како туристичка атракција освен Старата скопска чаршија се влезени уште охридската, струшката, прилепската и битолската чаршија. Според изменетиот Закон за трговија, само продавниците на мало што се наоѓаат на овие локации, ќе можат да работат во недела и на празник. Тие се придружуваат на специјализираните продавници и киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари во туристичките места, на кои и сега им е дозволено да работат во неделите и на празниците. Останатите и понатаму ќе бидат затворени.
-Работодавачите да си го прочитаат Законот за туристичка дејност и да знаат каде треба да се работи за да не се направи една анархија со ангажирање на сите работници, порача претседателот на ССМ, Дарко Димовски, и најави дека ќе бара засилени инспекциски контроли во туристичките места по стапување во сила на новите законски одредби, како и засилени синдикални патроли.
Недела да биде работен ден од поодамна бараат и занаетчиите. Тие „извисија“ со овие законски измени, зашто не се трговци, но очекуваат дозволата за работа во денот за неделен одмор и на празник да ја добијат со измени на Законот за работни односи, што, како што велат, им било ветено.
-За нас важи Законот за занаетчиство во кој се наведува дека работното време на занаетчиите го одредува локалната самоуправа врз основа на повеќе критериуми, меѓу кои и традицијата. Ние сега не можеме да работиме во недела во тутристичките места, што не е во ред, зашто некои работат цела зима за тоа да го продаваат преку лето. Во Охрид, на пример, од три дуќани еден до друг трговецот со бисери, сега ќе може да отвори во недела, а другите два кои ги обработуваат бисерите, кои не се трговци, туку занаетчии, ќе бидат затворени. Тоа не е логично. Имаме ветување дека ќе се направат измени и на Законот за работни односи со вметнување на членот од Законот за занаетчиство со кој се регулира работното време, вели за весникот ВЕЧЕР, Сашо Богоевски, претседател на охридската Занаетчиска комора.
Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека со последните измени на Законот за трговија треба дополнително да се поттикне економската активност во земјата, особено во туристичките места. Од ССМ, кој беше главниот иницијатор недела да биде неработен ден и бараше да опфати што поголем број работници, возвратија дека со ова власта нашла заобиколни патишта за да го упропасти работникот. Тие обвинија дека одредени јавни функционери одработуваат за газди кои и онака имаат право сами да работат во недела, но виделе дека тоа е тешко, па побарале за нив да работат вработените.
(С.В.)