Што навистина нуди францускиот предлог и зошто толкава таинственост околу документот за кој нема потврда за автентичност од Франција? Дали тој е решение за тргање на бугарското вето и отворање на патот за почеток на евроинтеграциите на Македонија и Албанија на јунскиот Самит на ЕУ? Ако се суди според реакциите предлогот не е поволен и затоа има малку поддржувачи, а многу противници. Останува и понатаму неизвесно дали има доволно време предлогот да биде разгледан и евентуално прифатен во Скопје и Софија, со оглед на тоа што остануваат уште неколку дена до Самитот.

Француските дипломати во Брисел засега одбиваат официјално да ја потврдат автентичноста на предлогот, кој беше објавен во бугарските и македонските медиуми, останувајќи и понатаму во фокусот на домашната и бугарската јавност.

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи тврди дека во земјава формално не е доставен францускиот предлог, за кој, како што изјави, ќе го кажеме својот став, кога ќе дојде време за тоа. Во Бугарија, пак, претседател Румен Радев оцени дека францускиот предлог е чекор во правилна насока, но, според него, остануваат голем број прашања кои треба да се разјаснат пред да се укине ветото. Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, најавува дека нема да донесе никаква одлука без таа да биде поддржана од Народното собрание.

Во текот на последните неколку дена повеќе документи беа објавени во Бугарија и Македонија, меѓу нив и новата преговарачка рамка, која доколку е прифатена од сите страни, би била усвоена на 23 јуни на Европскиот Совет.

Министерот Османи рече дека земјава ќе го каже својот став за предлогот, откако ќе ги слушне забелешките на сите земји членки.

„Јас мислам дека не е во наш интерес, ние да ги кажеме нашите позиции во однос на таквите предлози, додека не ги слушнеме позициите на земјите членки, откако земјите членки ќе ги изразат своите забелешки, а тоа се 26 земји членки, секоја да го каже свој став“, рече Османи, додавајќи дека треба да направат длабински анализи, без емоции и во интерес на одбрана на државните интереси.

Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, пак, веќе има став и смета дека предлогот на француското претседателство нè носи подалеку, а не поблиску до членство во ЕУ. Тој објаснува дека фактот што ваков предлог „воопшто паднал на маса веќе е дебакл за македонската дипломатија.”

„Внесувањето на бугарските барања во преговарачкиот процес, и тоа во најважниот дел – кластерот Фундаменти, ни ја става судбината целосно во рацете на Софија. Ако таа не е задоволна од што било (не само внесувањето на Бугарите во Уставот), ќе си стоиме во место или ќе нè вратат назад“, вели Димитров.

И Демократскиот сојуз изразува сериозни резерви за францускиот предлог затоа што тој во суштина ги апсорбира националистичките и негаторските барања на Бугарија и билатералниот спор, преку преговарачката рамка, го претвора во спор помеѓу Македонија и Европската Унија.

Со негативен став за вклучувањето на бугарските барања во преговaрачката рамка, се огласи и професорот Ѓорги Спасов на социјалните мрежи.

„Ние постојано повторуваме дека сакаме да почнеме преговори но без уцени и нови услови во преговарачката рамка. Ако бидеме уценети во стилот „земи или остави” треба да кажеме остави… На Макрон му е важен неговиот личен углед и тој би сакал да го спаси кредибилитетот на ЕУ, која ветуваше започнување преговори со ЕУ ако се исполнат копенхашките критериуми, кои Македонија ги има исполнето. Но, спасувањето на неговиот углед и на кредибилитетот на ЕУ не може и не смее да се случи на сметка на уривањето на угледот и кредибилитетот на преговарачите од страна на Македонија. Тие, исто така, не треба и не смеат тоа да си го дозволат… Нам ни е потребен почеток на разговорите на кои им се гледа крајот и за тоа ни се потребни гаранции. Без елементарна сигурност и јасни правила, кревањето на ветото и почетокот на разговорите ќе биде успех за сите освен за Македонија“, пишува тој.

Професорката Мирјана Најчевска смета дека доколку предлогот е верно пренесен тој е „акт на асимилација и окупација на Македонија“.

„Нема ниту од двостраност. Едноставно се вметнати барањата на Бугарија во убава обланда. Ова не е негирање на идентитетот на Македонците туку едностран акт на асимилација и окупација на Македонија. Ова истото да го побара Русија кон Украина, ќе го наречат отворена агресија. Ама која е Македонија па некој да се секира за довршувањето на окупацијата која Бугарија ја има започнато пред децении. Дали Франција со ова станува отворен заштитник на фашизмот: Заштитник на повратот на освоените територии од страна на членка на фашистичкиот сојуз која беше осудена дури да плаќа и репарации заради агресијата кон соседните држави“, напиша Најчевска на социјалните мрежи.

И најголемата опозициска партија во земјава не се согласува со најновиот предлог, кој, според неа, е капитулација и бугаризација на земјата на рати. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повика премиерот Димитар Ковачевски да не го потпишува предлогот, а доколку тоа се случи, тогаш, како што изјави, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да го применува тој договор.

„Излези и одби го овој предлог. Ние стоиме зад тебе. Што се однесува до Бугарија сакам да посочам дека ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков понижувачки договор на штета на нашите национални интереси. Ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила, тогаш идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера ниту една точка од овој договор да почитува и применува. Две третини или 80 пратеника менуваат Устав, а тоа зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Додека ја сум претседател, нема да се смени Уставот за да бидат бугарските барања дел од него, рече Мицкоски.

Во Бугарија, пак, претседателот Радев оцени дека францускиот предлог е чекор во правилна насока, но дека остануваат голем број прашања што треба да се разјаснат за да се укине ветото, а вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија мора да се направи пред почетокот на преговорите.

Бугарската влада, пак, останува на ставот дека ќе се почитува волјата на Народното собрание. Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера најави дека следната недела на Самитот во Брисел нема да оди со став на Владата во однос на францускиот предлог, туку со одлука на Народното собрание. Според  Петков, темата Македонија е многу важен национален случај и за одлуката треба да има максимална вклученост. Првиот чекор за започнување пристапни преговори на Македонија со ЕУ, а тоа се нарекува првата меѓувладина седница, наведе Петков, е таа да започне откако тие ќе го променат Уставот, но откако ќе го променат Уставот, Бугарија да не може да ги сопре на патот.

Лидерката на Бугарската социјалистичка партија и вицепремиер во бугарската Влада вчера отворено го критикуваше бугарскиот претседател Радев, повикувајќи го да престане да шпекулира во врска со темата Македонија, користејќи го патриотизмот на Бугарите за личен рејтинг.

Предлогот на Франција, според бугарските медиуми, предвидува на 23 јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција. Како што наведе „360 степени“, Советот на истиот состанок ќе донесе и одлука дека следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите во Преамбулата.

Пакетот-документи предвидува и дека кон заклучоците од првата меѓувладина конференција, Бугарија и Македонија ќе достават унилатерални изјави за македонскиот јазик, кои ќе бидат приклучени само кон записникот од тој состанок, без да влијаат на содржината на преговарачката рамка.

Во предлог-преговарачката рамка, во сегментот за процедурите на преговарање, пишува дека Македонија ќе усвои акциски план посветен на заштита на правата на малцинствата и заедниците, чие исполнување редовно ќе се следи на меѓувладините конференции.

(И.С.)