Црвена звезда ја освои АБА-лигата по скандалозното финале одиграно во Белград, откако во „мајсторката“ славеше против Партизан со 80:77. „Црвено-белите“ славеа со вкупен резултат 3-2 во победи и со тоа го освоија шестиот трофеј во регионалната лига, со кој се израмнија со Партизан. Кевин Пантер имаше шут за продолженија, но неговиот обид од десетина метри од кошот беше непрецизен.
Серијата ја обележаа инцидентите на навивачите, кои го полнеа теренот со разни „проектили“, а последниот натпревар беше прекинат додека не се испразни салата.
- Дали треба да зборуваме за кошарка во овие услови? Ако мислите така, тогаш одлично. Што мислите, како е да играат играчите во овие услови? Да играат четири натпревари наместо еден. Исто беше и пред неколку дена. Ова нема врска. Нема ништо со кошарката, ова е нешто друго. Но, како спортист, ќе ѝ честитам на Звезда за титулата – изјави Обрадовиќ по мечот.