Закрепнување на расположението кај инвеститорите во еврозоната

18

Деловното расположение кај инвеститорите во еврозоната овој месец бележи подобрување над очекувањата, со забележан прв раст од почетокот на војната во Украина. Последното истражување на деловното расположение покажува дека сепак многу од компаниите сè уште не чувствуваат поголеми инфлаторни влијанија и тесни грла во снабдувањето како што се претпоставуваше.

Индексот на инвестициската клима во еврозоната пресметан од агенцијата „Сентикс“, се искачи на минус 15,8 поени во јуни од минус 22,6 поени во мај, што беше најслаб показател од јуни 2020 година.

„Колку и да изгледаат импресивно на прв поглед подобрувањето на ситуацијата, малку е веројатно дека тоа ќе значи економски пресврт“, рече извршниот директор на „Сентикс“ Манфред Хибнер.

Тој посочи дека додека потрошувачите ги трпат последиците од растот на цените, многу компании успеаја да го пренесат притисокот врз клиентите, а во прилог им одеше и активноста на потрошувачите кои брзаа да купат стоки и услуги за да ги избегнат поскапувањата.

Економскиот експерт вели дека сепак таа фаза наскоро ќе заврши, бидејќи крајните потрошувачи во одреден момент ќе мора да ги намалат своите купувања, а монетарната политика во еврозоната би можела да стане порестриктивна.

Индексот на тековните услови за инвестирање бележи подобрување на минус 7,3 поени во јуни од минус 10,5 поени во мај, а индексот на инвестициските очекувања се искачи на минус 24 поени во јуни од минус 34 поени во мај.

За потребите на анализата спроведена од 2 до 4 овој месец „Сентекс“ собра податоци од 1.225 инвеститори во 19-члениот монетарен сојуз.