Нов Зеланд воведува санкции за „Гаспром“ и други руски и белоруски компании

52

Владата на Нов Зеланд објави нов пакет санкции против „Гаспром“ и други руски државни компании и производствени капацитети од наменската индустрија, се наведува во соопштението на министерката за надворешни работи Нанаја Махута објавено на владината веб-страница.

„Компаниите што се предмет на санкции се контролирани од Владата на рускиот претседател Владимир Путин и се од стратешко значење за Русија“, се наведува во соопштението во кое се појаснува дека со мерката се опфатени 38 руски и шест белоруски компании.

Шефицата на новозеландската дипломатија истакнува дека со новите ограничувања е опфатена и „Гаспром“, најголемата руска компанија и клучен извор на приходи од извоз и продажба на рускиот гас.

„Исто така, воведовме санкции за структури што произведуваат оружје и создаваат воени и одбранбени технологии како дел од рускиот воено-индустриски комплекс“, рече таа.

Досега Нов Зеланд има воведено санкции за повеќе од 650 руски граѓани, меѓу кои и претседателот Владимир Путин и членовите на руската Државна дума, како и 93 најголеми компании и организации во земјата.