Поскапувањата никако да запрат по растот на цените на млекото, пораснаа и млечните производи. Граѓаните велат дека цените на млечните производи се зголемени во просек по 20 денари за килограм. Нема веќе сирење под 200 денари за килограм и урдата од 100 денари за килограм. Од млекарниците велат дека поскапувањето на млечните производи се должи на порастот на млекото, електрична енергија, транспортот. Според сточарите, пак, откупната цена на суровото млекото сè уште не зголемена, се очекува наскоро и таа да се зголеми и да има дополнителен раст на цената на млечните производи.
Поскапувањето на млечните производи, како што велат граѓаните е забележано речиси во сите маркети, како и во млекарниците на зелените пазари. Велат дека цената на кравјото сирење е зголемена за 30 денари, а на урдата за 20 денари за килограм.
-Веќе ме фаќа уплав од цените во маркетите. Освен млекото последниве денови драстично се зголемени и цените на млечните производи. Јогуртот од 46 се качи на 52 денари за литар, киселото млеко за два-три денари за 400 грама, а кравјото сирењето за минимум 30 денари…За овчо сирење и кашкавал да не правиме муабет, бидејќи немаме пари за нив. И покрај тоа што рекоа дека маржите се ограничени, цените не престануваат да растат, вели една купувачка во маркет.
И другите граѓани алармираат на драстичен пораст на цените на млечните производи и бараат државата да преземе мерки и да ги заштити од понатамошно поскапување на цените на основните производи.
Од една скопска млекарницата ни рекоа дека по 1 мај се зголемени цените на речиси сите млечни производи. Најевтиното кравјо сирење од 170 се качи на 200 денари за килограм, а урдата од 100 на 120 денари за килограм, овчото сирење од 300 на 350 денари за килограм.
Сточарите, пак, велат дека зголемувањето на цената на млечните производи не се должи на зголемувањето на цената на суровината, туку на трошоците за производство на преработувачите.
-Во однос на другите производи млечните производи сè уште не ја имаат постигнато реалната цена. Последното покачување на цените на млечните производи не се должи на зголемувањето на цената на суровината, туку на трошоците за производство на преработувачите. Откупната цена на суровото млекото сè уште не е зголемена, овчото се откупува по 45 денари за килограм. Се очекува откупната цена наскоро да се зголеми и да има дополнителен пораст на цените на млечните производи. Поскапувањето е нормално со оглед на тоа колку се зголемени цените на млечните производи во регионот, вели за ВЕЧЕР, Никола Георѓиев, претседател на Сојузот на одгледувачи на овци.
Цената на сирењето, како што вели, зависи од регионот од кој потекнува. Највисока цена има беровското и кумановското овчо сирење, чија цена се движи од 400 до 500 денари за килограм.
И статистиката пресмета дека трошоците на животот во април се зголемени за 2,2 отсто во однос на март. На годишно ниво, пак, трошоците на животот бележат зголемување од 10,5 отсто. Секако меѓу производите кои имаат позабележителен процент на зголемувањето на цените се сирењето и урдата за 3,7 отсто. Од другите производи значителен пораст е забележан кај маслото и маснотиите за 20,2 отсто, зеленчукот за 12,9, овошјето за 4,4, месото за 3,4…
Дека инфлацијата ќе има нагорна линија, потврди и гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која кажа оти македонската економија нема да биде заобиколена и секако ќе ги почувствува последиците од руско-украинската криза.
(А.С.)