Од Вселенската патријаршија стигна долго очекуваната  вест –  ја признава нашата древна и возобновена Охридска архиепископија за канонска.

Историски настан, со кој конечно се исправа децениската неправда нанесена врз нашата црква и се  стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска архиепископија.

Со одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија, на чело со патријархот вселенски г.г. Вартоломеј, се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. Сепак прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА и натаму ќе зависи од разговорите со Српската православна црква.

Вселенската патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа. Во официјалното соопштение од канцеларијата на Светиот синод на Вселенската патријаршија се вели дека се прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на црквата под архиепископот г.г. Стефан, а се остава на Српската црква да ги уреди „управните прашања што ги има помеѓу неа и црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“.

Се признава името Охридска архиепископија, имајќи ја на ум како област на нејзината јуриздикција, владението во границите на државата Северна Македонија.

Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата црква, „туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската патријаршија и претставува објава дека повеќе не сме во шизма и раскол со севкупната православна црква и нашите свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви. За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори“.

Признавањето на Охридската архиепископија од страна на Вселенската патријаршија всушност е одлука за тоа дека македонската црква е канонска и валидна во сеправославниот свет, а тоа значи дека не е повеќе расколничка црква. Но, на признавањето на автокефалноста, на добивање на томосот, ќе треба да се почека на одлуката на Српската православна црква.

Во својата одлука,  Светиот синод на Вселенската патријаршија вели дека црквата на Србија треба да ги реши административните прашања меѓу неа и црквата во Северна Македонија.

Тоа јасно покажува дека го исклучува терминот „македонски“ и кој било друг дериват на зборот „Македонија“, а името на црквата го признава како „Охрид“, пишува „Ортодокстајмс“, гласило на православниот свет кое се издава во Грција.
Ова всушност значи дека Вселенската патријаршија го признава името Охридска архиепископија и правото на македонските свештени лица рамноправно да сослужуваат во православното семејство. Во одлуката e истакнато тоа дека се признава името Охридска архиепископија, имајќи ја на ум како област на нејзината јуриздикција, владението во границите на државата Северна Македонија.

За МПЦ ова значи дека Вселенската патријаршија го признава 1.100 годишниот историски континуитет на Охридската архиепископија. Но, ова се разбира нема да ѝ се допадне на Бугарската православна црква, која исто така смета дека го влече континуитетот на Охридската архиепископија.

Бранко  Ѓорѓевски, верски аналитичар , за весникот ВЕЧЕР  вели дека ова е  значајна одлука  пред сè за  македонската црква,  бидејќи таа веќе не е расколничка , шизматика  и вон православието. Таа стана канонска црква  со која другите цркви можат да општат, а што до сега не беше случај. – Прашањето на нејзиниот статус , дали ќе биде автокефална или не, ќе се решава допрва. Вселенската патријаршија топката ја префрли  на СПЦ во оваа фаза, но јас не очекувам  дека СПЦ ќе се согласи на македонска автокефалност  што е наше единствено очекување и барање. Тоа значи дека наскоро може да се случи Вселенската патријаршија полноправно да го реши  нашиот статус и да бидеме автокефална црква. Но, тоа ќе биде предмет во наредниот период. Ова е важен момент и за регионот , бидејќи се решава еден голем проблем, вели Ѓорѓевски.

Според него сигурно може да се очекуваат и компликации, противење од страна на СПЦ и обвинувања дека се работи за упад во јуриздикцијата на СПЦ. Но, Вселенската патријаршија , постапи како судска , апелациска инстанца,  бидејќи смета дека има право да реши еден црковен спор.

-Како и во случајот со Украина, јас претпоставувам дека месните православни цркви веднаш нема да ја прифатат одлуката на Вселенската патријаршија. Сигурен сум дека Бугарската црква ќе се спротивстави на името на Охридската архиепископија, кое е наменето на македонската црква. Ова бидејќи, Бугарската црква се смета, а тоа пишува и во нејзиниот Устав, дека е наследничка и на Охридската архиепископија. Но, некои цркви, како Александриска патријаршија, Грчката православна црква, Кипарска црква, ќе ја прифатат ваквата одлука како што прифатија прогласување на Украинската автокефалност. Отпор ќе има и од Москва, но ние мора да се гледаме себеси, македонскиот интерес, а ова прашање нас нè оптоваруваше  со децении и сега почнува да се решава. Патот нема да биде лесен, но мора да се изоди. Православието има многу проблеми – македонското прашање, украинското, црногорското, се тешки прашања и проблеми. Тие еднаш мораше да почнат да се решаваат и Вселенскиот патријарх тоа почна да го прави, вели за весникот ВЕЧЕР, Ѓорѓевски.

Затоа ќе биде интересно да се следат реакциите на БПЦ, на одговорот на СПЦ на дадената задача од Цариград да го реши прашањето со автокефалноста на МПЦ-ОА. Пред две недели, далеку од јавноста, во Ниш веќе се одржала заедничка средба меѓу високи претставници на СПЦ и МПЦ-ОА. Тоа значи дека дијалогот меѓу двете цркви е повторно обновен.

Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија уште во април 2018 година испрати молба за апелација до Вселенската патријаршија, која е единствената на сеправославно ниво што има историски и канонски права да прифаќа апелација и да доделува автокефалност. По молбата, Вселенската патријаршија одлучи да се заземе за прашањето и да ги преземе потребните чекори.

САС на МПЦ – ОА: Најсрдечна благодарност до вселенскиот патријарх Вартоломеј, продолжуваат разговорите со СПЦ

САС на МПЦ-ОА денеска на вонредна седница, расправал за актуелните настани што се однесуваат на воспоставувањето на евхаристиската заедница на епархијата, клирот и народот на МПЦ – ОА со православните помесни цркви, како и за конечниот автокефален статус на нашата црква, соопшти канцеларијата на САС на МПЦ – ОА.

– САС на МПЦ – ОА изразува најсрдечна благодарност на Неговата Сесветост вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј за Патријаршискиот и Синодален акт за канонско и евхаристиско единство на нашата епархија, при што, прифаќањето е со еклисиолошкото име со што се обезбедува вековниот црковен континуитет. Истовремено ја известуваме јавноста дека продолжуваат разговорите со Српската православна црква до уредувањето на конечниот статус на нашата Црква, како и по препорака на Цариградската Патријаршија, која во рамките на светоканонскиот чин и црковно предание треба да се уредат управните прашања помеѓу двете цркви, се наведува во соопштението.

Синодот на МПЦ-ОА на оваа седница одлучи да се канонизираат двајца македонски преродбеници олицетворени во личностите на Јоаким Крчоски и Кирил Пејчиновиќ-Лешочки.

Руската православна црква ги признава само канонските права на СПЦ во Македонија

Руската православна црква (РПЦ) излезе со став дека ги признава само канонските права на Српската православна црква (СПЦ) во Македонија.

„Руската православна црква ги признава исклучителните канонски права на СПЦ во Северна Македонија. Ставот на РПЦ, пред сè ќе го земе предвид пристапот на тој проблем на Српската црква, на која и натаму и ги признаваме исклучителните канонски права во Северна Македонија“, изјави секретарот на Одделението за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, протојереј Игор Јакимчук.

„Шах-матот“ на вселенскиот патријарх

Грчкиот црковен портал „Ортодоксија инфо“ во текстот под наслов „Шах-матот“ на вселенскиот патријарх што го збриша планот на руско- српската оска за нова турбуленција на Балканот, пишува дека со одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија „се става крај на повеќегодишната перипетија на шизматичката црква, која ја врати во рамките на канонската православна црква“. Како што пренесува агенцијата МИА, во текстот се додава дека и покрај непријателскиот став на Српската патријаршија, Константинопол не навлегува подлабоко во прашањето и му остава на Белград да преземе потези за завршување на постапката по ова прашање.

Бугарските медиуми, пак, коментираат дека Македонската православна црква била изненадувачки призната од Вселенската патријаршија како Охридска архиепископија. „Во изминатите години Бугарската архиепископија во Охрид беше од големо значење за опстанокот на Бугарите како народ и духовност. Тоа е, исто така, најдолгата постоечка црковна институција – речиси 750 години“, пишува бугарскиот медиум „Епицентар“.

Цариград се вмеша во јуриздикцијата на СПЦ

Српскиот експерт за верски прашања Јован Јањиќ смета дека Македонската православна црква не е признаена од Вселенската туку од Цариградската патријаршија, која пак е само прва по ранг меѓу православните цркви и дека практично се вмешала во јуриздикцијата на Српската православна црква.

Српскиот експерт за верски прашања д-р Јован Јањиќ по повод соопштението на Вселенската патријаршија, како што пренесува Танјуг, „укажува дека таканаречената Македонска православна црква не е признаена од ‘Вселенската патријаршија’, туку од Цариградската патријаршија, која е само прва по ранг меѓу сите помесни православни цркви во светот“.

Во изјавата за српската новинска агенција Јањиќ нагласува дека со својата одлука Цариградската патријаршија се вмешала во јуриздикцијата на Српската православна црква со оглед на тоа што таа не ѝ е мајка црква на Охридската архиепископија, поради што, смета Јањиќ, не може да ѝ даде автономија или автокефалност.

(В.М.Б.)