Граѓаните реагираат на високите цени на јајцата кои и покрај замрзнатата маржа продолжија да растат. Во маркетите низ градот цената на едно јајце се искачи и на над 10 денари. Оние со големина Л, во кутија од по 10 јајца, се продаваат по 96 денари, а ХЛ по 118 денари. Додека во моментов цената на една табла јајца се движи од 240 до 300 денари, но прашање е дали таа цена ќе остане и пред велигденските празници кога се очекува да се зголеми и нивната потрошувачка. Производителите велат дека нема да има криза за јајца, но за цената не се сигурни дали ќе престане да расте. Од Владата најавија нови мерки со цел да се поттикне зголемувањето на домашното производство на јајца и пилешко месо.
Абдулезел Догани, претседател на Групацијата за живинарство при Стопанската комора за весникот ВЕЧЕР вели дека нема да има криза за јајца пред Велигден, но цената ќе зависи од цената на суровините и репороматеријалите. Доколку цените на пченката, сојата, сончогледот продолжат да растат и цената на јајцата ќе расте.
-Цените на консумните јајца се формираат врз основа на цените на инпутите – пченка, соја, сончоглед. Сите суровини се зголемени за 200 до 300 отсто. Освен тоа и цените на енергенсите, репроматеријалите и транспортот отидоа нагоре. Откако се зголемија цените на бензините, нафтата, гасот се качи и цената на транспортот. Така на пример пред Нова година за транспорт на еден тон пченка плаќав од 25 до 26 евра, а сега плаќам од 35 до 40 евра за тон пченка која ја увезувам од Србија. Пченката во ноември ја плаќав по 9 до 9,5 денари за килограм, а во моментов е 22 денари за килограм. Сето ова е потврда за тоа колку се зголемени трошоците и зошто цената на јајцата е зголемена, вели Догани.
Тој додава дека и цената на амбалажата за јајцата е зголемена за 100 отсто. Вели дека амбалажата ја набавува секој месец за која секој месец добива повисока фактура. И порастот на цената на амбалажата, како што вели е поврзан со порастот на енергенсите, нафтата, гасот, бензините…
-Ако се цените на пченката, сојата, сончогледот се задржат на сегашното ниво и цената на јајцата ќе престане да расте. Доколку, пак цените на храната, енергенсите и репроматеријалите продолжи да расте и јајцата ќе поскапат. Во моментот и за јајцата важи одлуката на Владата за замрзнати маржи од 4 отсто во трговијата на големо и 3 отсто во трговијата на мало и се без ДДВ, додава Догани.
Мерките на Владата за помош на живинарството, како што вели ќе им помогнат да опстанат, но не и да остварат профит. Додека траеше мерката замрзнатите цени живинарските фарми работеа со загуба, па сега се надева дека со помош на субвенциите за живинарството и со средствата од Интервентниот фонд ќе успеат да ги намалат загубите. – Се надевам дека договорите со Србија и Бугарија за набавка на пченка ќе се реализираат и ќе имаат храна за живината до наредната жетва, додава тој.
Од друга страна граѓаните се жалат дека цените вртоглаво растат и оти едвај преживуваат. Освен цената на маслото за јадење и јајцата се на листата на производи кои секојдневно ги консумираат, а чија цена не престанува да расте. Од 50-60 денари колку што беа пред неколку месеци, сега стигнаа со 100 денари за кутија од 10 јајца.
Од месарниците велат дека цената на пилешкото многу се зголеми, а причината е малото производство и недостиг на пазарот кој го покриваме со увоз. За еден месец пилешкото е поскапено за 30 до 40 отсто. Еден килограм пилешки стек пред еден месец беше 220, а сега е 330 – 340 денари.
Владата најави нови мерка, со цел да се поттикне зголемувањето на домашното производство на јајца и пилешко месо и субвенционирање на дел од трошоците на производителите.
-Финансиската поддршка за живинарството ќе подразбира субвенција од 40 денари за пиле заклано во регистриран кланички капацитет. Зголемена субвенција на 120 денари за амортизирани носилки заклани во регистрирани капацитети. Субвенција од дополнителни 10 денари за произведени и продадени еднодневни бројлерски пилиња и нова интервентна субвенција од 60 денари за несилка што се наоѓа во одгледувалиште и е на возраст за производство на консумни јајца, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
(А.С.)