Насадени пет илјади садници во близина на рудникот САСА

22

И оваа година рудникот САСА продолжува со реализација на долгорочниот проект за пошумување. Во најновата акција што се спроведе на петти и шести април, насадени се нови пет илјади садници од автохтони видови дрвја на површина од два хектара во околината на рудникот.

Оваа акција беше реализирана во соработка со ЈП „Национални шуми“ и ЈП „Камена Река“ од Македонска Каменица.

– Програмата за планското пошумување е еден од долгорочните проекти за заштита на животната средина, која ние, во САСА, со задоволство ја реализираме и во чија реализација продолжуваме да вложуваме. Со ваквите активности, покрај рекултивација на поранешните јаловишта, се врши и пошумување на околните предели, како и обнова и збогатување на постојниот шумски фонд. На ваков начин, покрај за пејзажното уредување, се придонесува и за заштита на земјиштето од ерозија и се намалуваат ризиците од појава на одрони, кои се чести во овие краеви. Натамошното зголемување на шумскиот фонд придонесува и за одржување на високиот квалитет на воздухот, кој е карактеристика на овој предел, како и за ублажување на последиците од климатските промени, што има големо значење за одржливиот развој на заедницата и е наша долгорочна цел – вели Ивица Талевски, директор за одржлив развој на САСА.

Ангажманот и вложувањата на САСА во овој домен ќе продолжат и во иднина преку реализација на сопствени акции за пошумување, како и со учество во заеднички проекти со институции и организации од локалната заедница.