Д-р Мира Атанасова, педијатар од Скопје, за весникот ВЕЧЕР потврдува дека има реинфекции и кај помладата популација. Таа лекувала пациенти кои во ист месец два пати се заразиле со вирусот. Според неа, многу од пациентите кои прележале во јануари, во февруари повторно биле позитивни на омикрон. Вакви случаи има кај сите возрасни категории граѓани. Таа, како искусен педијатар со над 30 години искуство во оваа специјалност и работа со најмладата популација, вели дека не е баш сигурна дека требаше децата да ги остават маските

 

Епидемијата со ковид-19 никако да стивне во Македонија. Додека во Европа се разгорува и расте бројот на заразени, во земјава има секојдневно константна бројка од околу 300 заразени и околу 2.000 активни случаи. Инстутутот за јавно здравје во неделните извештаи каде што дава пресек каква е епидемиолошката состојба во земјава, регистрира од сто до двесте нови реинфекции.

Д-р Мира Атанасова, педијатар од Скопје, за весникот ВЕЧЕР потврдува дека има реинфекции и кај помладата популација. Таа лекувала пациенти кои во ист месец два пати се заразиле со вирусот.

– Имам пациент, ученик кој на почетокот од март прележа омикрон. Две недели беше добро, имаше негативен тест, се врати на настава и сега повторно е позитивен – вели д-р Атанасова и појаснува дека второто заразување е на крајот од март, и препоставува дека е стелт варијантата.

Според неа, многу од пациентите кои прележале во јануари, во февруари повторно биле позитивни на омикрон. Вакви случаи има кај сите возрасни категории граѓани.

Во моментов, преку „Мој термин“ може навреме да се закаже ПЦР-тестирање. Д-р Атанасова посочува дека сега не е како во јануари, кога имаше термини само во градовите надвор од Скопје.

– Тогаш ни беше зортот, но сега ако родителите се јават порано наутро, уште истиот ден може да се тестираат дечињата – вели Атанасова.

Според нејзиното искуство, во моментов не е присутен само омикронот, има и грип и други сезонски инфекции.

 – Се мешаат сликите, бидејќи имаме деца со ковид, кои горат од температура и до 39 со пет. Ни носат резултат од ПЦР-тестот дека се позитивни, а се гледа дека имаат и грип, оти клиничките слики се преклопуваат – појаснува Атанасова.

Таа, како искусен педијатар, со над 30 години искуство во оваа специјалност и работа со најмладата популација, вели дека не е баш сигурна дека требаше децата да ги остават маските.

– Не сум сигурна дали децата на училиште носат маски или не. Има доста родители кои сакаат да ги задржат маските, а други едвај дочекаа да ги фрлат маските. Дали е избрзана одлуката за маските, не можам да дадам коментар, но факт е дека бројката не се намалува. Подолго време, во земјава, имаме околу 2.000 активни случаи. Сметам дека не треба да има претерано опуштање со мерките, да се внимава на заштитата – вели нашата соговорничка.

Што се однесува за примањето трета доза на вакцина, таа смета дека интересот е мал, бидејќи добар дел од нашите сограѓани во јануари и во февруари прележале ковид и сметаат дека имаат природна заштита од вирусот.

(В.Ма.)