Ако не можат политичарите, тогаш лекарите нека бараат решение за излез од лавиринтот на македонско-бугарските преговори за кревање на бугарската рампа на патот на Македонија кон ЕУ, предлага аналитичарот и ексминистер Џевдет Хајредини.

„Политиката на политичарите, историјата на историчарите, спорот со Бугарија на лекарите“, објави Хајредини на Фејсбук.

Важно е дека ЕУ повторно ни дава волја за уште едно решение, на наша сметка, бидејќи, како што рече високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК, Жозеп Борел, при неодамнешната посета на Македонија, „каде што има волја, има и начин“.

Коментирајќи ги неговите пораки за време на посетите на Скопје и на Тирана, д-р Малинка Ристевска- Јорданова истакна дека иако ЕУ порача дека очекува регионот да биде солидарен со европската заедничка надворешна политика, не најави исчекор во отворање на преговорите за Македонија и за Албанија.

„За разлика од есенските неисполнети ветувања од страна на претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, сега отсуствуваа какви и да се ветувања – единствено повторување дека во ЕУ постои волја и ангажман. И повторениот двосмислен став – дека Унијата нема да внесува билатерални спорови во проширувањето, но дека очекува заемно прифатливо решение од двете (нерамноправни) страни – Бугарија и Македонија, само дополнително ја фрустрираше македонската јавност. Затоа бледите и декларативни пораки делуваа изветвено за граѓаните од регионот“, заклучува Ристевска-Јорданова во авторски текст по повод посетата на Борел на регионот.

Останува да се види дали, сепак, е можен компромис во македонско-бугарските преговори, што би го помрднал од место одамна запреното македонско приклучување на ЕУ. Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, најважно е дали ќе се најде заедничко решение околу уставните промени со цел да се вметнат и Бугарите како таксативно наведено малцинство, по примерот на другите досега внесени.

„Бугарија инсистира тоа да се случи пред почетокот на преговорите, а ние на крајот. Како и за сите работи, компромисот лежи некаде помеѓу. Бугарија знае дека промените на Уставот траат, и невозможно е да се завршат во кусиот рок кој останува до јуни. Но, постои период од најмалку 18 месеци после почетокот на преговорите, помеѓу првата меѓувладина конференција и отворањето на првите поглавја, во кој има доволно време тоа да се заврши“, посочува Арсовски во авторски текст, додавајќи дека ќе биде доволно да се иницираат промените, а потоа ќе има доволно време да се завршат и дебатата и домашната работа.

Спорно е дали ќе има согласност за донесување на овие уставни промени од опозициските партии, бидејќи најголемата од нив – ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ја обвинува власта дека не споделува информации за преговорите. Не ги знаеме ниту ставовите, ниту, пак, која е целта на нашата македонска страна, истакна вчера во телевизиско гостување секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски.

„Проблемот кај нашите претставници е тоа што не ги знаеме ставовите на Македонија и што сакаме ние од овие преговори со Бугарија, ниту, пак, која е целта на нашата македонска страна. Ние со Бугарија имаме проблем со идентитетските прашања, а соработката во другите области постоела и пред договорот за добрососедство и соработка од 2017 г., но без какво било барање на Бугарија кон македонскиот јазик и историја“, рече Андоновски.

Тој нагласи дека доколку ЕУ направеше посериозен политички притисок Македонија да ги почне преговорите, тогаш процентот на антизападно расположение во Македонија би бил значително помал, затоа што директно ќе ги согледавме придобивките од тоа.

(И.С.)