„Без еснафски однос, без почитување на работното место и колегите, нема напредок. И нема протекции, само професионален пристап кон работата. Театарот е нашата егзистенција“, вели за весникот ВЕЧЕР драматургот Дарко Спасов, в.д. директор на Театар Комедија, театарска куќа која на 27 март одбележува една деценија постоење. Годинава, вели Спасов, ќе биде направен и видеозапис – документарна серија за постоењето на Театарот, како запис за развојот од идеја до театарска куќа која во десет години може да се пофали со 33 премиери, 922 изведби и околу 260.000 посетители

 

Во јануари станавте в.д. директор на Театар Комедија, би можело да се каже седнавте на „жешкото“ столче со оглед на многуте превирања во оваа установа кои се случија пред Вашето назначување. Одлуката е донесена по барање на вработените, кои, очигледно, имаат доверба во Вас. По два месеца, какви се Вашите согледувања во однос на работата на Театарот од позиција на директор?

Во нашиот театар има нешто помалку од 340 седишта и се многу попримамливи и барани, и тие се, всушност, жешките точки во нашиот театар. Столчињата на современите раководители се само фигуративна назнака и претпоставувам дека новите генерации раководители ќе се плашат од „седнување“ на столчето и брзо ќе го фатат динамичниот ритам на работа. Столот како дизајн го заробува телото во неприродна позиција, а човекот треба да се движи. Што се однесува до поддршката што ја добив од колегите во Театарот, веројатно, е сценослед на едно заемно разбирање. Во Театарот сум осум години и во тој период на личен и колективен план пораснавме и созреавме. Предлогот за раководно место го прифатив затоа што и јас имам доверба во колегите. Без еснафски однос, без почитување на работното место и колегите, нема напредок. И нема протекции, само професионален пристап кон работата. Театарот е нашата егзистенција. Се надевам секој од колективот, вклучително и мене, ќе си ја гледаме работата, ќе го одделуваме семето од каколот и насмеани ќе дочекуваме публика.

Вие од претходно сте дел од тимот на Театар Комедија, па со тоа сте и запознаен со проблемите и добрите страни на работата на Театарот. На што ќе обрнете внимание во наредниот период и што, според Вас, треба да се подобри, со оглед дека излегуваме од услови на двегодишна пандемија кога вратите на театрите беа буквално затворени за публиката? 

Зградата на Театар Центар што од 2012 година ни стана дом е во амортизирана состојба. Почнавме со чистење на објектот. Сите вработени се зафатија со средување на своите работни простории, почнавме со обнова на тонско-светлосната кабина, во план е техничко-технолошко подобрување на тесните грла во Театарот, осовремување на сценско-техничките услови за работа. Почнавме со чистење, пролетно освежување, завесите во фоајето ги отворивме, влезе светлина, ги чистиме грдите наслојки, но внимаваме и ја чуваме патината напластена од без малку шест децении аплаузи од претходните домаќини (Театар Центар). Во план за реконструкција се тоалетите во Театарот, промена на дел од ентериерот, а се приклучуваме кон трендот за штедење и рационално трошење на ресурсите. Ги намалуваме печатењето и потрошувачката на хартија, направивме можност за електронска продажба на билети и во визија ни е на покривот на Театарот, што е на идеална сончева позиција, да поставиме фотонапонска инсталација за да добиваме електрична енергија од штедрото сонце, но и за затоплување на санитарната вода во објектот. Едно по едно. И во многу полоши услови израснале нашите родители, и родителите на нашите родители, но во еден дом има ли љубов и слога, има сѐ.

Годинава се одбележува една деценија од постоењето на Театарот. Дали е предвидена посебна програма со која ќе се одбележи јубилејот на 27 март, датумот кој истовремено е и Светски ден на театарот?

Целата година ќе биде во знакот на десетте години постоење. На 27 Март, на Светскиот ден на театарот, ќе ги прочитаме македонската и светската порака и ќе доделиме неколку благодарници – аплаузи за сите наши досегашни соработници. Потоа, во второто полугодие од годинава ќе направиме видеозапис – документарна серија за нашето постоење, како запис за развојот од идеја до театарска куќа која во десет години може да се пофали со нешто помалку од 260.000 посетители.

Како Театар Комедија ја започна годината и дали сте задоволни од средствата што Ви се доделени за реализирање на програмата?

Годинава ќе поставиме два театарски проекта поддржани од Министерството за култура и еден театарски проект што го поддржува Амбасадата на Република Чешка. Од Министерството добивме и дополнителни средства за инвестициско одржување за гореспоменатите реконструкции. Тоа го пополнува нашиот капацитет за работење, со оглед на фактот дека во нашата куќа се и нашите колеги од Турскиот театар со, исто така, три предвидени проекти и при усогласувањето на термините за работа, Театар Комедија и Турскиот театар имаат одлична соработка. А на прашањето дали сме задоволни од доделените средства од Министерството, ќе одговорам со човековата потреба да има сѐ и тоа веднаш: и кога е премногу, не е доволно.

Дали покрај раководната функција во Театарот, годинава ќе работите и на некој проект како драматург и што е она што, како човек и професионалец во својата бранша, Ве инспирира за работа?   

Во мандатот што го добив од шест месеци, имам само две нешта на кои ќе се посветам, семејството – првиот дом и Театар Комедија – вториот дом. Семејството и работата се инспирација, мотивација, но и голема одговорност. Денот има само 24 часа, нема време за екскурзии, особено не сега кога зачекоруваме во втората деценија со Театар Комедија. Единствено нешто што ќе задржам, како личен тренинг е преведувањето пиеси и книжевни дела, и тоа, како гимнастика на умот, го правам секое утро од 6 до 7 часот, така веќе дваесет години. Избирам мали, но сигурни чекори. (Д.Т.)                  Фото: Ѕ. Плавевски