Плаќањето на рускиот гас во рубљи ќе ја зголеми цената, но подобро и во рубљи отколку да го нема!

Најавата од страна на Русија дека европските земји во иднина ќе мора да го плаќаат гасот во рубљи и оти плаќање во евра или долари нема да биде можно претставува дополнителен удар за нашата држава. Експертите оценуваат дека ова ќе ги зголеми трошоците за трансфер на доларите во рубљи и ќе претставува дополнителен удар за македонската економија, особено за оние компании кои имаат директни договори за набавка на енергенси од Русија

208

Најавата од страна на Русија дека европските земји кои се најдоа на листата на т.н. „непријателските држави“   во иднина ќе мора да го плаќаат гасот во рубљи и оти плаќање во евра или долари нема да биде можно претставува дополнителен удар за нашата држава. Експертите оценуваат дека ова ќе ги зголеми трошоците за конверзија на доларите во рубљи и ќе претставува дополнителен удар за македонската економија, особено за оние компании кои имаат директни договори за набавка на енергенси од Русија. Најголем дел од гасот во Македонија стигнува преку „Турски тек“, а околу 20 до 30 отсто директно од Русија. Со ваквиот потег на Русија би биле опфатени само оние држави кои се ставени на црна листа-  Германија и сите други држави на ЕУ, но и САД, Канада, Велика Британија, Швајцарија и Јапонија. Од балканските држави на листата се Северна Македонија, Албанија и Црна Гора.

-Принудени сме да ја прифатиме оваа одлука, односно понатаму да го плаќаме рускиот гас во рубљи. Ова ќе претставува дополнителен удар за македонската економија поради трансферот на еврата во руски рубљи. На овој начин дополнително ќе се зголеми трошокот на државата за набавка, а нафтата и гасот ќе бидат уште поскапи. Поголем дел од гасот, кој доаѓа во Македонија, е преку „Турски тек“, а гасот во рубљи ќе мора да го плаќаат оние компании кои имаат директни договори со Русија, вели за ВЕЧЕР енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.

И универзитетскиот професор Константин Димитров смета дека ова ќе го зголеми трошокот на нашата државата за набавка на нафта и гас, но подобро е да го имаме отколку да останеме без него.

-Секако дека доколку го плаќаме рускиот гас во рубљи ќе ни се зголеми трошокот поради трансферот на еврата. Но, немаме избор подобро да ја почитуваме одлуката отколку да останеме без гас. Олеснителна околност е што линијата преку која се снабдуваме ние со гас е врзана со Турција. Сепак, едно е сигурно дека цената на гасот и понатаму ќе расте, вели Димитров.

Рускиот претседател Владимир Путин им даде на руските институции рок од една недела да изготват нов систем во рубљи. Тој објасни дека тоа е одговор на замрзнувањето на рускиот имот на Запад поради офанзивата во Украина.

„Русија, се разбира, ќе продолжи да испорачува природен гас во договорениот обем и според договорените цени. Ќе се промени само валутата на плаќање, во руски рубљи“, рече Путин.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги предупреди државите на ЕУ да не потклекнуваат пред руските барања. Би било понижувачки доколку некоја ЕУ-држава го направи тоа, напиша Кулеба на „Твитер“. „Тоа би било како со една рака да ѝ се помага на Украина, а со друга да ѝ се помага на Русија да убива Украинци“, напиша Кулеба. Според него, Европејците треба да донесат „мудра и одговорна одлука“.

Германија го критикуваше „раскинувањето на договорот“ откако  Путин рече дека Москва повеќе нема да прифаќа плаќања во долари и евра за испорака на гас за Европската унија.

Таквото барање „значи раскинување на договорот“, изјави министерот за економија Роберт Хабек и додаде дека сега ќе разговараме со нашите европски партнери како ќе одговориме на ова барање.

Германија е екстремно зависна од рускиот гас, кој сочинува 55 отсто од нејзиниот увоз на гас. Наспроти руската инвазија на Украина, рускиот гас сè уште пристигнува во ЕУ. Берлин, сепак сака брзо да ја намали зависноста од рускиот гас, барајќи негови алтернативи.

Австриската групација за нафта и гас ОМВ ќе продолжи да го плаќа рускиот гас во евра, а не во рубљи, изјави извршниот директор Алфред Стајн.

„Ова е основата на нашиот договор, не смеам да постапувам поинаку. Никој се уште не ни се јавил, има и валидни договори во кои такво нешто не е вклучено“, изјави првиот човек на австриската компанија и додаде дека ќе чекаат евентуално известување.

Јапонија сè уште не е сигурна како Русија ќе го спроведе своето барање за плаќање во рубљи за нејзината енергија продадена на „непријателските“ земји, изјави министерот за финансии Шуничи Сузуки.

„Во моментов ја истражуваме ситуацијата со релевантните министерства бидејќи не разбираме точно која е намерата на Русија и како би го направила тоа, рече министерот Сузуки.

Српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека одлуката на Москва ќе создаде многу проблеми. Тој објасни дека Бугарија, земјата преку која се испорачува гас за Србија и Унгарија, изјавила дека не сака да се префрли на рубљи во плаќањата за гас.

Како одговор, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во четвртокот рече дека прашањето е затворено и Бугарија ќе мора да плати во рубли „сакале или не“.

По одлуката на Путин цената на гасот во Европа скокна за 20 отсто и изнесува над 1.350 долари.

(А.С.)