Првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска оствари средба со делегацијата од Република Косово предводена од вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала.
Како што информираат од Кабинет на Груби во фокус на разговорот помеѓу двајцата соговорници било продлабочувањето на соработката помеѓу двете земји, со посебен акцент на спроведувањето на 11 договори за соработка кои беа потпишани на првата заедничка владина седница помеѓу Владата на Република Косово и Владата на Република Северна Македонија одржана во септември минатата година во Скопје. Во таа насока, предвидено е да се формира заеднички тим за следење на имплементација на овие договори.
Груби и Грвала исто така, разговарале и за одржување на втората заедничка седница помеѓу двете влади во Приштина кон крајот на мај оваа година.
Членството во Европската Унија, предизвиците и спорот со Република Бугарија исто така биле теми на денешната средба, каде што Груби ја информирал министерската Грвала за напредокот на дијалогот со официјална Софија, додавајќи дека напредокот во оваа насока е добар сигнал за решавање на спорот и добивање зелено светло за почеток на разговорите со ЕУ и одржување на првата меѓувладина конференција.
Груби и Грвала заеднички ја осудиле руската агресија врз Украина и изразиле солидарност и целосна координација со безбедносните и надворешните политики на НАТО и ЕУ.