Јаневски: Уште еден удар за македонскиот туризам – останавме и без руските и украинските туристи!

680

Сè поизвесно е дека годинава нема да ги имаме руските и украинските туристи и покрај директните авионски линии со Москва, Киев и со Санкт Петербург воспоставени минатата година. Сега повеќе ќе се фокусираме на туристите од регионот и од Западна Европа, изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

-По короната, ова е уште еден удар за македонскиот туризам. Ситуацијата е многу загрижувачка, особено поради фактот што во туризмот имавме многу можности со повторно воспоставените авиоконекции со Украина и со Русија. Оваа година се фокусиравме на овие пазари, но поради војната во Украина, сè падна во вода. Откако се стабилизираше состојбата со короната, туризмот доживеа уште еден удар. Годинава имавме многу договорени туристички тури и очекувавме повеќе туристи токму од Украина и од Русија. Но, со конфликтот се наметнаа санкции, стопирање на летовите, што, секако, е голем удар за туризмот и за економијата воопшто – изјави Јаневски.

Тој додава дека годинава биле договорени туристички тури од овие две земји, бидејќи, по подолго време, лани беа воспоставени директните авионски линии со Украина и со Руската Федерација. Покрај тоа, имавме договорено и повеќе кружни тури Киев – Тирана – Скопје, а имавме и договорени конференции од руски туристи.

Според него, со оглед на тоа дека овие два пазара се изгубени за 2022 година, правиме планови и се фокусираме на други пазари.

-Годинава очекуваме повеќе израелски туристи со летот Тел Авив – Скопје кој ќе започне од мај, турски туристи со новата линија Измир – Скопје, чартер-линиите Истанбул – Охрид и поголем број туристи од регионот. Се надевам дека многу брзо состојбата со Русија и со Украина ќе се стабилизира и ќе може да се реализираат плановите и предвидувањата за туристи од овие две земји во 2022 година. Сепак, очекувам дека регионалните и традиционалните пазари ќе бидат доминантни во 2022 година и да го надополнат загубениот број руски и украински туристи. Тука се туристите од Холандија, Белгија, Полска, како и туристите од Бугарија со новиот лет од Скопје до Софија, кој ќе почне да се реализира од крајот на март – додава Јаневски.

Тој додава дека сите чартер-летови од Русија и од Украина се стопирани, односно авиолинијата Москва – Скопје, која требаше да се реализира два пати неделно, Санкт Петербург – Скопје еднаш неделно и Киев – Скопје еднаш неделно само во летниот период, почнувајќи од мај.

И Македонија го затвори небото за руски авиони

Македонската Влада вчера донесе одлука да им се приклучи на другите земји од ЕУ во забраната за руски авиокомпании над македонскиот воздушен простор, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

-Одлучни сме во нашата поддршка за Украина и ја повикуваме Русија веднаш да престане со воените дејства – твитна Османи.

Владата ја задолжи АД во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ да ја започне постапката за спроведување на оваа одлука и да ги извести европските воздухопловни власти за забраната за влез во воздушниот простор на Северна Македонија за авиопревозниците регистрирани во Руската Федерација – се наведува во владиното соопштение.

Од оваа одлука се изземаат хуманитарните летови и оние што се во случаи на итност.

Летови меѓу Скопје и Москва оперираше руската авиокомпанија „Нордвинд“ од јуни до ноември минатата година и од септември до ноември меѓу Скопје и Санкт Петербург. Линиите беа прекинати поради мал интерес. Беше најавено дека двете линии ќе се вратат со годинашниот летен ред од април.

Руските авиокомпании и приватните руски авиони веќе се блокирани во многу земји од Европа. За нив е затворен воздушниот простор во Велика Британија, Германија, Финска, Литванија, Естонија, Летонија, Полска, Чешка, Бугарија, Романија, Словенија и во Белгија, а забрана најавија и други земји од ЕУ.

(А.С.)