Триесет и тригодишната Елена Арсовска, која со сопругот и трите деца живее во кратовското планинско село Шлегово, има моќна приказна. Таа е еко-херој на денешницата, бидејќи ја собира искористената пластика, ја преработува и од неа прави накит кој го продава. Вели дека е тоа нејзин начин на борба со отпадот.
Таа преку весникот ВЕЧЕР праќа силна порака до читателите дека сите заедно треба да сториме сè што е потребно да не ја загадуваме нашата планета и секој на свој начин да придонесеме на нашите идни поколенија да им оставиме чист воздух и чиста вода за пиење.
Таа ни го раскажа својот мотив зошто го напуштила Скопје и со своето семејство се преселила во родното Шлегово, во куќата што ја наследила од нејзиниот дедо. Иако условите биле далеку од идеални, сепак полека дедовата куќа ја направила убав семеен дом и вели дека повторното враќање во селото ѝ е една од најдобрите одлуки што ги има донесено во животот.
– Село Шлегово е моето родно село, тука пораснав и бескрајно сум благодарна што мојот живот започна на село, затоа што уште од мала многу се конектирав со природата, научив да ја сакам и да ја разбирам. Уживав кога му правев друштво на мојот дедо додека ги носеше козите на пасиште, да учествувам во сите земјоделски активности кои ги извршуваа заедно со баба ми, да ја гледам баба ми како ткае на разбој, преде волна или плете. Сите тие моменти длабоко ми се врежани во срцето и сеќавањето на истите ми буди неизмерна радост. Тогаш селото ни беше чисто, нашите баби и дедовци го носеа својот органски отпад на нивите и го компостираа, не употребуваа пластика како ние денес, а и кога ќе ја употребуваа, се трудеа да ја реупотребуваат. Мојата баба ги переше пластичните кеси, ги сушеше и повторно ги употребуваше истите. Подоцна кога пластичните кеси ни станаа секојдневие и се насобраа во поголем број, се појави еден интересен тренд, па мојата мајка од нив плетеше торби и корпи, имав дури и ранец исплетен од пластични кеси, кој го носев секогаш кога одев на екскурзија или на излет. Ми се чини дека тогаш луѓето живееја сосема друг начин на живот, а во последните неколку години сè е променето, за жал на полошо – вели Елена.
По завршувањето на средно училиште се преселила во Скопје и таму живеела неколку години. Кажува дека многу тешко ѝ било да се снајде во големиот град и недостасувала природата, слободата и мирот што ги има селото.
– Тешко ми беше да живеам живот во кој секој ден губам часови и часови во јавен превоз и во други непродуктивни активности. Постојано имав чувство дека некаде морам да брзам и тоа ми создаваше огромен притисок. Не бев среќна и кога гледав како моите деца растат во град и постојано замислував колку подобро би живееле на село. За среќа и мојот сопруг ја имаше истата желба, па одлучивме да се преселиме на село. Бидејќи не бевме во финансиска ситуација да одбираме, се вративме во моето родно село, бидејќи тука имавме куќа оставена од мој дедо во наследство. Иако условите беа далеку од идеални, ние сепак се одлучивме така од нула да почнеме, да ги истрпиме сите недостатоци и полека да создаваме убав дом. Повторното враќање во селото ми е една од најдобрите одлуки кои ги имам донесено во мојот живот – нагласува Елена.
Таа уште од мали нозе сакала да ракотвори и практично цел живот се занимава со уметност и рачна изработка.
– Како мала сакав да бидам сликар, и сè уште сакам, но околностите цело време ме наведуваат кон нешто друго, а тоа е изработката на накит. Кога бев мала ги растурав старите ѓердани на мајка ми и баба ми и од нив правев нови. Потоа почнав да барам материјали во природата и изработував накит од семиња, од каменчиња, школки… Но се чувствував ограничена, бидејќи во тоа време немав од каде да купувам материјали, а поривот во мене за создавање на накит беше огромен и така јас во се што ќе видев во тоа гледав можност да изработувам накит. Изработував и накит од глина, од гипс, од текстил, препарирав бубачки и од нив исто правев накит, од сушено цвеќе… буквално од се што ќе можев. Во тинејџерските години посебно се посветив на изработката на накит, бидејќи тогаш почнав и да го носам она кое го изработувам.
Сакав да бидам поинаква од останатите и тоа секогаш ме мотивираше да истражувам и да експериментирам и да создавам невообичаени парчиња накит. Така еден ден ме привлече тиркизната боја на едно пластично шише и посакав да имам ѓердан во таква боја, па почнав шишето да го сечам, да ги топам исечените делчиња на свеќа и така настана првата мониста од пластично шише. Кога ги носев на себе ѓерданите од шишиња, моите другарки се интересираа за нив и сакаа да купат, па така на тој начин за прв пат почнав и да заработувам и мислам дека тие моменти беа пресудни да започнам да се занимавам и професионално со изработката на накит се до денес. Меѓутоа поради неисплатливоста на оваа работа, јас престанав да изработувам накит од шишиња и продолжив да учам нови техники и да употребувам нови материјали – раскажува Елена.
Долги години изработува накит со ткаење на метална жица и полускапоцени камења, изработува и накит и сувенири од полимерна глина, а од неодамна започнала да слика и икони и уметнички слики.
– Повторното навраќање на накитот од рециклирана пластика има голема поврзаност со моето повторно враќање во моето родно село. Кога замислувавме каков ќе ни биде животот на село, знаевме дека нема да биде идеален и дека ќе има тешкотии, но бевме свесни за истите и спремни да се бориме со предизвиците, но не очекувавме дека околината толку многу се загадила за само десетина години. Кога дојдов ме пречекаа неколку мали диви депонии и тоа во центарот на селото. Мојата куќа е близу до селската рекичка која има повеќе отпад отколку вода, затекнавме загадени кладенци и бунари и чешми од кои не се пие водата, а од истите, пред десетина години сме полнеле вода и биле безбедни за пиење – потенцира Елена.
Освен тоа, во Шлегово од чешмите тече техничка вода која не е за пиење, па жителите мораат да купуваат вода за пиење или да полнат од селските извори. Во селото има само неколку бунари и една чешма од која сите полниме вода за пиење, а наспроти таа чешма полека се создава и уште една депонија којашто може да ја загади и таа вода и буквално да останат без вода.
– Во селото исто така немавме контејнери. Контејнери добивме пред неколку месеци, а отпадот кој се создавал низ годините никој не го чисти. Освен тоа, она кое што мене најмногу ме боли и ме лути истовремено е тоа што дел од моите соселани сè уште фрлаат отпад во реката. Бев сведок и на тоа да мој соселанец исфрли канта со отпад веднаш покрај контејнерот и тогаш сфатив дека овој проблем не може да се реши само со поставување на контејнер. Но, не ја гледам вината само во другите луѓе бидејќи и јас сум загадувач. Иако јас отпадот го фрлам во контејнер, сепак тој отпад постои и ќе биде исфрлен на некоја депонија и ќе биде тука, на планетава, повторно близу до нас и ќе загадува. Тоа сознание е навистина болно и тешко, но сепак е и корисно за поединецот, затоа што само така може да се мотивира да преземе одговорност – вели Елена.
Таа истакнува дека заедно во семејството се обиделе да живеат без да создаваат отпад. Не купувале храна која е во пластична амбалажа, носеле торби за пазарење и сл.
– Но не успевавме, најпрвин поради тоа што мораме понекогаш да купуваме вода за пиење, а и изворската вода ја полниме во шишиња. Торби за пазарење сè уште користиме, но понекогаш се случува да мораме да купиме и кеса или некој продукт спакуван во пластика. Не ни успеа тој обид, но затоа, пак, јас барајќи начини како да го намалам својот отпад, се присетив на тоа дека некогаш од пластичните шишиња изработував накит. Па така повторно започнав да изработувам монисти од пластични шишиња, но овој пат со поинаква цел – да го намалам отпадот, најпрвин во моето село и да им покажам на луѓето дека има начини, дека потребна е само волја и креативност. И можеби сум наивна, но навистина верувам дека ќе допре ова до останатите и дека ќе ги инспирирам и тие да започнат да реупотребуваат и да рециклираат, или да нè поддржат нас кои тоа го правиме – објаснува Елена.
Накитот кој го изработува од пластични шишиња може да се види на нејзината фејсбук-страница “Art cycle of recycle”и истиот е на продажба по пристапни цени.
– На мое огромно изненадување, луѓето навистина позитивно реагираат на сето ова, добив безброј комплименти, добив многу пораки од луѓе кои ме поддржуваат и се интересираат за ова што го правам, исто така имам и многу порачки, накитот започна многу добро да се продава и во моментов сум многу мотивирана, многу повеќе отколку кога започнав. Поддршката од луѓето навистина ми дава многу волја за да продолжам. Освен тоа, поради најразличните побарувања и предлози од страна на луѓето кои нарачуваат накит од шишиња, добив идеа да започнам со изработка на монисти и од пластични сламки за пиење и од друга пластична амбалажа, па наскоро ќе објавам изработки и од нив – кажува Елена.
Овој нејзин начин на борба со отпадот, ја поврзал и со здружението „СМЕТЛАНА“, – активистичка организација која има за цел да ја разбуди еколошката свест кај луѓето.
– Имав огромна чест да соработувам со нив и да бидам дел од проектот „Чисто Водно“ . Во рамки на тој проект направив една видео работилница на која што го покажувам процесот на изработка на монистите од пластика, за да сите луѓе кои сакаат да научат – да научат и да рециклираме колку што е можно повеќе шишиња. Многу ме радува тоа што чувствувам дека еко-свеста кај луѓето е се повеќе разбудена. Сакам да им порачам на луѓето дека секој треба да се однесува одговорно за своите постапки, да внимаваат каде фрлаат отпад, да не бидат мрзливи, и ако можат нешто да реупотребат или рециклираат да го направат тоа. Најмалку што можеме да направиме е да внимаваме на себе и да чистиме зад себе, бидејќи нашата планета Земјата, која нè храни, е презагадена. Да ја редуцираме употребата на пластика, да бидеме одговорни консумери – потенцира таа.
Елена силно верува дека еден ден, не само нејзиното село, туку и секое друго село и секој град, ќе бидат чисти и убави како што биле некогаш.
– Дека и нашите деца ќе имаат можност да уживаат во природните убавини во кои ние сме имале можност да уживаме. Денес новите генерации ја немаат таа привилегија да дишат чист воздух, да јадат чиста и здрава храна, да пијат чиста вода и ние сме тие кои можеме сето тоа да почнеме да го менуваме – се очекувањата на оваа млада, храбра жена и голем борец за чиста животна средина.
Светлана БЛАЖЕВСКА