Бектеши: Преку поврзување со Грција, гасот од Азербејџан ќе стигне и на нашиот пазар

85

На средината од годинава ќе започне изградбата на интерконекторот за гасно поврзување со Грција, со што Северна Македонија ќе се поврзе со Јужниот гасен коридор, на тој начин гасот од Азербејџан ќе стигне и на нашиот пазар. За Владата изградбата на национален гасоводен систем, неговото поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградба на дистрибутивните системи за природен гас е еден од приоритетите во делот на изградба на енергетска инфраструктура, порача министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање на Осмиот министерски состанок на Советодавниот совет на Јужниот гасен коридор што се одржа во главниот град на Азербејџан, Баку.

Министерот Бектеши на состанокот беше придружуван од Бајрам Реџепи, директорот на „Национални енергетски ресурси“ АД. Ова е второ учество на овој Министерски состанок кој е од клучна важност во делот на диверзификација на снабдувањето со гас на повеќе пазари во Европа.

Во своето обраќање на пленарната сесија насловена „Јужен гасен коридор: достигнувања и проспекти-проширување кон нови енергетски пазари вклучително и Западен Балкан“ Бектеши истакна дека гасот е корисен енергенс бидејќи неговата употреба има широк опсег, и тоа во домаќинствата, во индустријата и сообраќајот, како и за производство на електрична енергија и топлина.

-Гасификацијата на земјата е круцијално значење за економијата и е од бенефит како за граѓаните, така и компаниите, за животната средина и за општеството во целост. За обезбедување на прогнозираните количини на природен гас за наредниот период во тек се активности за натамошна изградба на постојниот гасоводен систем во Република Северна Македонија, негово поврзување со регионалните гасоводни системи особено со Jужниот гасен коридор, како и планот, развојот на дистрибуцијата на гасот да се врши преку Јавно приватно партнерство, но и отпочнување на преговори за обезбедување на дополнителните количини на природен гас, потенцираше Бектеши во своето обраќање.

Нагласи дека земјава е силно посветена на гасно поврзување со регионот, што ќе значи обезбедување на природен гас од повеќе извори.

-Заедно со нашата компанија „Национални енергетски ресурси“ веќе работиме на заокружување на проектите за изградба на интерконектор за гасно поврзување со нашите северни соседи Косово и Србија, а дополнително како дел од планираните проекти е и изградба на дополнителен интерконектор со Бугарија, како и изградба на интерконектор за гасно поврзување и со Албанија, потенцираше министерот Бектеши.

Во делот на инвестициите во гасификација министерот информираше дека до крајот на оваа година ќе биде избрана и компанија која што ќе ја гради дистрибутивната гасоводна мрежа во државата што претставува еден од најголемите капитални инвестиции во земјата и ќе обезбеди пристап на природен гас до домаќинствата и стопанството.

На отворањето на Министерскиот состанок се обрати азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, а свои излагања за плановите за проширување на испораката на гас во Европа и на Балканот дадоа и комесарот на ЕУ за енергетика Кадри Симсон, еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји, како и високи претставници на САД, Албанија, Велика Британија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грузија, Хрватска, Италија, Унгарија, Црна Гора, Романија, Србија, Турција, Туркменистан и Грција. Обраќања имаа и компаниите што учествуваат во проектот, Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Азиската банка за развој, Азиската инфраструктурна банка за инвестиции и други меѓународни финансиски институции.

Во рамки на Министерскиот состанок, министерот Бектеши оствари билатерална средба со министерот за енергетика на Азербејџан, Правиз Шахбазов.

Двајцата министри на состанокот разговараа за можностите за продлабочување на соработката помеѓу Северна Македонија и Азербејџан во делот на енергетиката и снабдувањето со природен гас преку новиот интерконектор кој ќе го гради нашата држава заедно со Република Грција.

Министерот Бектеши истакна дека реализацијата на вакви инфраструктурни проекти се од голема важност не само за зголемување на енергетската независност на земјава, туку и на сите земји од Западен Балкан, во услови кога цените на енергенсите, пред се и на природниот гас на светско ниво имаат рекорден раст.

Јужниот гасен коридор, проект вреден 40 милијарди долари, минува низ 3.500 километри територија, од Баку до јужна Италија, преку Грузија, Турција, Грција и Албанија.

Главен извор на гас за системот е наоѓалиштето „Шах Дениз“ во Каспиското Море, со резерви од 1,2 трилиони кубни метри.

Со завршувањето на првата етапа на јужниот гасен коридор во декември 2020 година, засегнатите страни испитуваат проширување на проектот на нови пазари, како што е Балканот и транзит на гас од други достапни извори.