Расадник оди на меѓународен конкурс, жителите ќе го избираат ликот на идната населба

2323

Граѓаните на Кисела Вода пријавија над сто нерегуларности во донесените Детални Урбанистички Планови. Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најавува дека е започната постапка за дислокација и уривање на Центарот за зависници и дека на тоа место ќе развива локален туризам, а до крајот на овој месец ќе се распише меѓународен конкурс за простортот кај Расадник 

На 31 јануари истече рокот што им го даде градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, на граѓаните за да достават конкретни забелешки од донесените детални урбанистички планови во рамки на проектот „Стоп за урбаната мафија”, кој започна пред еден месец. Ѓорѓиевски за весникот ВЕЧЕР вели дека се пристигнати над сто пријави за нерегуларности во донесените ДУП-ови, кои претходно беа извадени од фиока, дигитализирани и ставени на увид на граѓаните.

– Интересот е изненадувачки голем. Најголеми забелешки има во делот на Црниче и на Пржино, каде што жителите побараа зелени површини, а на тие места, се издавале маркици за изградба на колективни згради со намена А2, како и за куќи со по осум, па и повеќе станбени единици. Интересно е дека граѓаните беа прилично конкретни и, покрај забелешките, дадоа и предлози и идејни решенија околу урбанистичкото уредување на одредени локации во Општината. Сево ова ќе биде разгледано и за нас, како раководство, многу ќе помогне да постапуваме согласно со Законот и да им излеземе во пресрет на жителите и нивните потреби – нагласува Ѓорѓиевски.

Тој е дециден дека нема да се издадат нови одобренија за градење згради во Пржино и во Црниче и дека е стопирано градењето околу чешмата „Света Петка“, кај народот локација попозната како Балаклија, каде што во зеленилото биле предвидени пет градежни парцели со намена станбени куќи со висина од 10,20 метри.

– Го стопиравме и Деталниот урбанистички план Ј 15 блок 4 или План за дел од Припор, каде што беше констатирано дека, спротивно на Генералниот урбанистички план, се предвидени станбени згради со А2-намена – вели Ѓорѓиевски.

Општината започна и постапка за дислокација и уривање на Центарот за зависници, како што иницираа 1.100 граѓани на Кисела Вода.

– Точно на оваа локација се темелите на денешната населба Кисела Вода. Ова место треба и мора да биде репрезент на Општината во културна смисла, да биде локација која секој ќе може и ќе сака да ја посети, кое, ако гледаме пошироко, може да биде и место кое ќе биде основ за развој на локален туризам. Наспроти тоа, претходното раководство направи само бучава, даде лажни ветувања околу решавањето на овој проблем, а ги остави жителите сами да се снаоѓаат со немањето безбедност во овој дел на градот, со таложењето медицински инфективен отпад и со другите опасности што го нарушуваат квалитетот на нивното живеење. Овој проблем ќе биде целосно надминат – уверува Ѓорѓиевски.

До крајот на овој месец, Општина Кисела Вода ќе распише меѓународен конкурс за конечниот изглед на населбата Расадник. Градоначалникот Ѓорѓиевски вели дека конкурсот е подготвен, но ликот ќе го избираат самите жители на Општината.

– Конкурсот е подготвен и во петок јавно ќе го објавиме на нашата веб-страница на competition.rasadnik@kiselavoda.gov.mk за да може граѓаните да дадат свои забелешки за текстот на меѓународниот конкурс за идејно решение. Вториот чекор што го правиме е негово доставување и до стручната јавност – до Архитектонскиот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери и до Асоцијацијата на архитекти на Македонија, со цел меѓународниот конкурс да биде стручно издржан. По ова, до крајот на февруари, тој ќе биде меѓународно објавен, а по неговото завршување, ликот на Расадник ќе го избираат неговите жители – вели Ѓорѓиевски.

Тој го стопираше извршувањето на ДУП-от за Расадник бидејќи, како што вели, бил скроен така за таму да се изградат 99 згради, со што целосно ќе се задуши просторот.

Интересен податок е дека во Градот Скопје досега имало вкупно два меѓународни конкурса за изготвување урбанистички планови. Првиот е во далечната 1914 година, распишан од Министерството за градежништво на тогашното Кралство Србија. Вториот, пак, е распишан во 1965 година, по катастрофалниот земјотрес, на кој првата награда ја добиле Кензо Танге и двајца хрватски архитекти.

Првиот ДУП

– По 57 години, Општина Кисела Вода е првата која распишува ваков меѓународен конкурс, и тоа за конечниот изглед на населбата Расадник. Правењето идејни решенија за уредување градски квартови и за градови, во Западна Европа е стандардна процедура. Тоа, секако, е одличен начин да се подигне естетиката на просторот и да се запазат принципите на хумано живеење. Но, во Македонија не постојат дури ни правила за објавување меѓународен конкурс за урбанистичко планирање и уредување. Се надеваме дека, можеби, Општина Кисела Вода ќе биде таа што ќе иницира, ќе поттикне законски решенија или барем ќе биде модел по кој ќе се создаде ваква убава пракса – нагласува Ѓорѓиевски.

Пропадна тендерот за ревизорска куќа, следната недела ќе се распише нов

Пропадна тендерот што општина Кисела Вода го распиша за избор на ревизор или ревизорска куќа кој требаше да даде одговор околу неправилностите во делот на урбанистичкото работење на претходните раководства на општината. Ѓорѓиевски вели дека предвидената надворешна ревизија опфаќа два паралелни процеси.

– Првиот е проверка на издадената документација, издадените одобренија за градба за кои нема правосилност и кои сакаме да ги ставиме на увид на експерти за да ги проверат и да го потврдат она што нашата стручна комисија веќе го изнајде како неправилност. Другиот процес опфаќа проверка на зданијата кои се веќе во фаза на градба и за кои треба да се утврди дали се градат согласно издадените одобренија и проекти – вели тој.

Тоа што не се јавил никој на тендерот, Ѓорѓиевски нагласува дека не го обесхрабрува.

– Веќе следната недела повторно ќе го објавиме тендерот и силно верувам дека постојат стручни и чесни луѓе кои сакаат да бидат дел од почетокот на новите времиња во Кисела Вода во кои ќе се почитуваат законите. Иако сме свесни дека можеби има страв, можеби имало и закани до одредени лица кои сакаат да се пријават, сакам да ги охрабам и да им укажам дека само заеднички можеме да ставиме крај на урбанистичкото дивеење во Кисела Вода. Мораме заеднички да упатиме порака дека никој не е над законите и дека не може урбаната мафија да управува со општината. Да расчистиме со криминалот кој долги години е рефрен во Кисела Вода и да почнеме транспарентно, чисто и законски да го градиме новиот имиџ на оваа општина. На наша страна се сите граѓани. Тие побараа промени – потенцира Ѓорѓиевски.

(С.Бл.)