ССМ ќе бара цените на основните производи да останат замрзнати и по 31 јануари

84

Цените на основните прехранбени производи да останат замрзнати и по 31 јануари кога истекува мерката, ќе бара Сојуз на синдикатите на Македонија.

Оттаму велат дека ќе ја разгледаат состојбата и најверојатно ќе упатат вакво барање до надлежните, со оглед на зголемените трошоци на граѓаните предизвикани од поскапувањето на струјата, парното и голем број производи.

Од ССМ посочуваат дека ова ќе биде потребно и затоа што минималната потрошувачка кошница што ја преместуваат секој месец е значително поскапена, па на семејство со две минимални плати му недостасуваат околу 4.700 денари за да ја наполни.

Од друга страна, производителите се жалат дека владината мерка за замрзнување на цените на производите во услови на поскапена струја и гас ќе ги доведат на работ на егзистенција.

Владата на 4 декември лани донесе одлука да се замрзнат цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата и тие да се продаваат по цените што ги имале на 1 декември. Неколку дена подоцна на листата се додадоа и оризот, јајцата и тестенините.