Божиќните празници се најмагичниот период во годината. Во деновите на шарени светулки, лампиони и божиќни дрвца, семејството е она што му дава смисла на празникот и празнувањето.
Весна МИЌИЌ БОЖИНОВСКА
Анита Ангеловска-Бежоска е првата жена гувернер во Македонија и е меѓу неколкуте во целиот свет, гувернерки на централни банки. На оваа одговорна позиција дојде по богато долгогодишно искуство во монетарната и фискалната политика стекнато во домашни и меѓународни финансиски институции. Таа, покрај тоа што води сметка за ценовната, финансиската и стабилноста на домашната валута денарот, приватно е сопруга на Златко и грижлива мајка на осумнаесетгодишниот Петар, четиринаесетгодишната Софија и десетгодишната Надја.
На наше големо задоволство, додека траеја подготовките за Бадник и Божиќ, бевме на гости во домот на семејството Бежоски.
Пречекот беше навистина убав домаќински, со свежо подготвени колачи, дело на Софија и Надја, кои исклучително добро се снашле во кујната. Анита ни кажа дека сите претставнички на женскиот пол во семејството имаат афинитет кон готвењето и дека една од омилените заеднички активности со ќерките е подготовка на разни рецепти, во кои ужива целото семејство како голем љубител на добра домашно подготвена храна.
Анита е родена во Гетеборг, Шведска. Нејзините родители заминале таму пред педесетина година и таму го поминала нејзиното рано детство. Ни кажа дека чествувањето на Божик во Шведска трае во текот на цел декември, се подаруваат таканаречени „божикни календари“ (Advent calendar) – кутии на кои се одбележани деновите до Божик и зад секој ден има по еден мал подарок за секојдневно да се одржува празничното расположение. Од тамошните обичаи ги издвои и уличните божикни маркети, кои се одлично место за дружење и за да ве понесе божиќниот дух со кој дише градот.
Анита вели дека повеќе им се радува на Бадник и Божик, отколку на прославата за Нова година, бидејќи целото семејство е заедно. „Каде и да си, за Бадник и Божиќ дома да си“, тоа е правило и ние си го почитуваме, дополнува таа. Порано како што вели, било поубаво, пред Петар и Софија да станат тинејџери, бидејќи постојано биле заедно, а сега секој сака да ја слави новогодишната ноќ со друштво, па дури и најмалата десетгодишна Надја, која сака да прави сè како братот и сестрата.
Првата жена на централната банка се подготвува за божиќните празници, како секоја македонска домаќинка. Семејството секоја година ги следи православните обичаи и традиција, како бадникова вечера и лепче со паричка, а домот традиционално го украсува со бадникови гранчиња, кои симболизираат здравје и долговечност.
Секогаш со големо задоволство ја подготвуваат божиќната трпеза на која задолжително мора да има посна сарма, гравче, костени, тиква. А лепчето со паричка е посебна радост и возбуда во семејството на Бежоски. Кога децата биле помали и нетрпеливо го чекале моментот на кршење на лепчето, Анита морала да пронајде начин како ниту едно да не се разочара – правела неколку лепчиња со паричка и сите биле среќни и задоволни. Вели дека и сега чувството на возбуда и исчекување на паричето кое симболизира среќа и убави моменти во новата година е несомнено присутно. Ни открива дека нејзе лично само два пати и се има паднато паричката, но тоа ниту како мала, ниту сега како мајка не ја растажува, зашто паричката е само мал дел од бајковитата радосна божиќна приказна во која целото семејство ужива.
Додека муабетиме и пристигнуваат неколку нотификации на мобилниот. „Чекам некои мејлови, од работа“, вели Анита. Ја прашуваме дали е „зависник од работа – воркохолик“ – вели не е, но е перфекционист и сака да е сработено сè како што треба. Таа посочува дека функцијата која ја извршува е огромна чест за неа, но и огромна одговорност која ја прифатила и дека нема компромис кога треба да се завршат обврските со највисок квалитет. Гувернерката вели и дека е многу благодарна што околу себе во банката има тим на исклучително квалитетни професионалци, кои висококвалитетно ја извршуваат својата работа. Но истовремено е благодарна и што има семејство кое има разбирање за обврските и кое целосно и дава поддршка. „Семејството е основата на која се потпира секој успешен и задоволен човек“, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Нема компромис ниту кога таа е потребна за семејството. Сепак, истакнува дека без поддршката од нејзиниот сопруг и нивните родители, би било невозможно да постигне баланс помеѓу професионалните и семејните обврски. Посочува дека високоодговорни општествени функции имала и пред да дојде на местото гувернерка – вицегувернерка на Народната банка, државен секретар во Министерството за финансии, работела во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, а како експерт ангажиран од ММФ работела и во повеќе земји во Европа. Во тоа време децата биле мали и, како што вели, сопругот секогаш и давал безрезервна поддршка.
На прашањето што посакува на професионален и приватен план за Новата година, Анита ни одговори – здравје. За годината која измина, гувернерката Ангеловска-Бежоска вели дека иако влеговме и дејствувавме поподготвени и посилни, со научени лекции од 2020 година, сепак предизвиците беа бројни. Сега влегуваме во Новата, 2022 година, сè уште носејќи го товарот од пандемскиот шок, но со поголемо искуство за справување со предизвиците кои и натаму стојат пред сите нас. Во Новата година, како гувернерка и како мајка посакува пандемијата и неизвесноста поврзана со неа да останат зад нас, закрепнувањето на економијата да продолжи со побрза динамика, а животот на сите нас, а особено на децата, да се врати во претпандемиската нормала. Како и секој родител во светов, вели, нестрпливо го исчекува крајот на пандемијата за децата да се вратат во нормала, да престанат да носат маски, да можат слободно да се дружат со другарчињата, да спортуваат, да бидат деца.