Ќе се послуша ли Вселенскиот патријарх за тројна средба со Скопје и Белград?

99

Во морето нерешени прашања и спорови со кои се соочува македонското општество оваа година сигурно ќе остане отворено и прашањето за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА. Во прилог на ова оди и изјавата на српскиот владика Иринеј кој во интервју за неделникот „Печат“, а објавено на сајтот на Бачката епархија порача дека е неопходно да продолжи дијалогот меѓу СПЦ и МПЦ за надминување на отвореното црковно прашање. Епископот Бачки, кој е духовен отец и еден од најблиските сoработници на српскиот патријарх Порфириј вели дека актуелната општа состојба во Македонија и духовната потреба на верниците поттикнува и повикува на дијалог како единствено исправен начин за решавање на проблемот. Тој посочува дека веќе нема “судско-полициско насилство врз Јован Вранишковски, првиот архиереј на автономната од СПЦ, ПОА, нејзините свештеници, монаси и верници“. Сепак, забележува дека сè уште не била спроведена одлуката на судот во Стразбур за регистрација на ПОА.

– Сметам дека без оглед на овие негативни нуспојави, општата атмосфера кај нашите јужни соседи, а пред сè неопходната духовна потреба овозможува продолжување на дијалогот меѓу нашата Црква и Црквата која е во раскол. И не само што го овозможува, туку нè охрабрува и не повикува на дијалог како единствен правилен и ефективен начин за надминување на овој повеќедецениски проблем. Единството на Црквата и нејзиниот канонски поредок се најголемиот божји дар за нас и, истовремено, најважната задача и подвиг, вели Иринеј.

За македонските аналитичари и познавачи на актуелната состојба со црковното прашање, ваквиот став на бачкиот епископ е мотивиран првенствено од желбата случајот со МПЦ-ОА да го оттргне од рацете на Вселенската патријаршија каде што сега се наоѓа и е во процедура на решавање, што би одело во прилог и на Руската православна црква.

– За таа цел за СПЦ веќе не е ниту проблем што не е регистрирана ПОА, а што досега се бараше. Декларативна подготвеност на СПЦ за преговори никогаш не била спорна. Спорно е тоа што постојано се поставуваа услови и што во тие преговори МПЦ-ОА не може ништо повеќе да очекува отколку автономна положба. Тоа за нас не е решение и тоа беше причината што се обративме до Вселенската патријаршија која прифати да го решава случајот, коментира за весникот ВЕЧЕР верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски. Тој потсетува дека Вселенската патријаршија упати покана до Скопје и до Белград за организирање на тројна средба за нашето црковно прашање, покана која црковен Белград никогаш јавно не ја прифати.

-Еве ја приликата, таквата средба за решавање да се одржи во Вселенската патријаршија која е Мајка-црква и на СПЦ и која добро знае како македонските црковни епархии завршиле во рамките на СПЦ и каков е историјатот на македонското црковно осамостојување и каква е сега ситуацијата. Но проблемот е што СПЦ ова не го прифаќа, што не сака Вселенската патријаршија да биде фактор на решавањето, што не сакаат вселенскиот патријарх да ја има таквата улога, туку да биде еден од обичните патријарси, вели Ѓорѓевски. Според него, поканата и натаму нема да се прифати и ова ќе остане само еден повик кој нема да смени ништо. А, нашето црковно прашање ќе продолжи да се решава во рамките на Вселенската патријаршија.

Повикот на Иринеј за возобновување на дијалогот меѓу Српската и Македонската црква доаѓа по неодамнешниот прием на епископот антаниски и игумен на Бигорскиот манастир г. Партениј во придружба на монаси и монахињи кај вселенскиот патријарх Вартоломеј, што од претставници на Фанар беше оценето како голем чекор на Вселенската патријаршија за решавање на црковното прашање и признавање на МПЦ-ОА.

Приемот на епископот Партениј кај вселенскиот патријарх Вартоломеј следуваше по посетата на Атина каде што присуствуваше на вечерна служба и на Божествена литургија во црквата „Св. Пантелејмон“, најголемиот храм во грчката престолнина, како и на Меѓународниот фестивал на православна црковна музика, со благослов на архиепископот на Атина и на цела Грција, г.г. Јероним.

Српската православна црква, претходно преку викарот на патријархот Порфириј, епископот моравички Антониј, се закани дека е можен раскол со Вселенската патријаршија ако биде признаена автокефалноста на МПЦ-ОА.

СПЦ е во повеќедецениски спор со МПЦ-ОА, оспорувајќи ја нејзината автокефалност. Разговорите што повремено се водат не доведоа до позитивен исход, поради што МПЦ-ОА за решавање на својот статус се обрати до Фанар и вселенскиот патријарх Вартоломеј. (Е.А.)