Сточарите од Кичевско на граница на опстанок

57

Речиси секојдневното зголемување на цените на сите продукти и услуги поради состојбите на глобален план предизвикани од пандемијата со Ковид-19 најдобро на своја кожа го почувствуваа одгледувачите на ситен и крупен добиток во Кичевско. Во последната година поради се повисоките цени на храната и лекарствата овчарите се најдоа на границата на опстанокот и повеќемина од нив се во дилема дали да продолжат во оваа дејност, потврди Ајрадин Бајрами, претседател на Сојузот на сточарите во Кичево.
-За нас сточарите егзистенцијата отсекогаш била многу тешка, но како последните година-две никогаш потешка. Се што ни е потребно за нормално егзистирање во оваа земјоделска гранка драстично поскапи и поскапува, додека нашиот производ – јагнето, млекото, сирењето остануваат исти и на нас сточарите заработката на овој начин ни е се помала и помала, изјави Бајрами.
Тој ги наведе се повисоките цени на храната, лековите и пашарината, потребни за нормално функционирање.
– Само за пример зрнестата храна, зобта, сеното и останатите преработки од пченка, секојдневно имаат нови и нови цени, кои се значаен удар врз нашата рентабилност и егзистенција. Ако државата во догледно време не подаде рака и со вистински очи не ги согледа проблемите со кои се соочуваме, повеќе од сигурно дека добар дел од нас ќе ја напуштат оваа земјоделска гранка, која се повеќе станува неисплатлива, додаде Бајрами.
Посочи дека сите сточари се соочуваат со овие проблеми и сите стравуваат за својата иднина.