Во ноември УЈП наплатила вкупно 121 милиони евра, најдобар е ДДВ, а пад има кај данокот на добивка

56

Управата за јавни приходи во ноември наплатила вкупни приходи од 7,466 милијарди денари или околу 121,4 милиони евра.

Оваа информација преку својот фејсбук профил ја соопшти директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Овој наплатен приход во однос на ноември минатата година е повисок за 23,39 проценти, додека, пак, во однос на ноември од предпандемиската 2019 година е повисок за 19,87 проценти.

Според бројките кои ги презентира Лукаревска, најдобро одела наплатата на данокот на додадена вредност, каде што наплатата во однос на ноември лани е подобра за дури 30,1 отсто, додека, пак, одличен резултат има и кај данокот на личерн доход, за 21,37 отсто.

Но, затоа има пониска наплата кај данокот на добивка, па тој во однос на ноември 2020 година е послаб за 5,13 отсто.

Кога станува збор, пак, за споредбата со ноември 2019 година, исто така кјај ДДВ има повисока наплата за 25,6 отсто, додека кај данокот на личен доход наплатата е повисока за 16,55 отсто. И во оваа споредба наплатата е пониска кај данокот на добивка, и тоа за 2,77 отсто во однос на ноември 2019 година.