На Меѓународниот аеродром „Скопје“, денеска, пристигнаа двата бугарски воено-транспортни авиона со посмртните останки на жртвите во автобуската несреќа во Бугарија. Полетувањето на авионите беше одложено поради лошите временски услови во Софија. По речиси едночасовното преземање од авионите, почна транспортот на посмртните останки на загинатите во автобуската несреќа до нивните вечни почивалишта.
Поворката тргна од Скопскиот аеродром каде што последна почит на загинатите, со положување венци, им оддадоа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и премиерот Зоран Заев. На испраќањето присуствуваа и пратеници, како и претставници на верските заедници.
Венец положи и бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, а по него во знак на почит се поклонија и првиот вицепремиер Артан Груби, министерот Бујар Османи, како и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Посмртните останки, претходно, од бугарските авиони ги презедоа припадници на Армијата и ги пренесоа до погребалните возила.
Сообраќајната несреќа, во која загинаа 45 граѓани, а седум беа повредени, се случи на 23 ноември, на автопатот „Струма“ во близина на градот Перник во Бугарија, кога автобусот на „Беса транс“ – Скопје се враќал од Истанбул.
Вјоса Османи и Линдита Никола дојдоа да одадат почит на загинатите
На церемонијата на Меѓународниот аеродром во Скопје присуствуваа и високи функционери од Косово и од Албанија.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, претседателот на Собранието на Албанија, Линдита Никола, како и министерот за одбрана на Албанија, Нико Пелеши, пристигнаа за да им оддадат почит на загинатите.
Венци на плоштадот „Скендербег“, граѓани им одаваа почит на загинатите
На загинатите почит вчера можеа да им оддадат и граѓаните на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, каде што беа поставени венци. На барање на семејствата на загинатите откажана е поворката која требаше да помине низ главниот град.
СПОРЕД БУГАРСКИТЕ ИСТРАЖИТЕЛИ
Познати причините за пожарот во автобусот
Во меѓувреме, завчера обвинителот Бисер Михаилов и истражителот Маријан Маринов, кои работат на расветлување на трагедијата, изјавија за БТВ, дека е позната причината за пожарот и локацијата на неговиот првичен извор во автобусот со македонски туристи на враќање од Истанбул.
Истражителот Маринов одбил да ја открие причината за пожарот и рекол дека „ќе им остави на експертите“ кои веќе имаат свои „тези“. Но, тој коментира дека во македонскиот автобус било „нанижано“ големо парче заштитна ограда за гумата до влезната врата, била пронајдена „свиткана хармоника“ и „уништена е пластичната цистерна“.
„Можете да замислите какво триење и искри имало, рече Михаилов, додавајќи дека автобусот бил стар и „рециклиран“ во Турција и дека целата опрема му е заменета.
Невладиниот бугарски Институт за безбедност на патиштата задолжил меѓународен ревизор да изврши непристрасна стручна проверка на состојбата на патиштата пред тешката несреќа на автопатот „Струма“, во која загинаа 45 – те македонски државјани. При увидот констатирано е дека заштитните огради не се поставени во согласност со барањата. На подрачјето на сообраќајната несреќа се случиле бројни несреќи при што биле оштетени заштитните огради. Во овој случај, имало повторно инсталирање на објектот во средната разделна лента. Приклучокот на заштитната ограда бил неправилно монтиран со две наместо со четири завртки, како што требало. Ова е, наведуваат, причината поради која заштитната ограда се скинала и покрај малата брзина со која удрил автобусот.
„Кобната делница на „Струма“ е пуштена во употреба пред 20 години без Акт 16. Утврдено е и дека недостасуваат знаци и дека има оштетени ознаки. Испратен е извештај и до Агенцијата за патна инфраструктура, а оваа информација треба да биде проверена од истражните органи на Бугарија, посочуваат од невладината организација.