Седницата на Централниот совет на Алтернатива на која требаше вечерва да се одлучува дали партијата ќе биде дел од Владата се одложува за утре. Од партијата појаснуваат дека одложувањето се должи на тоа што денес ќе бидат погребите на 45-те настрадани луѓе во сообраќајната несреќа во Бугарија.
-Седница на Централниот совет на Алтернатива ќе има во сабота во 18 часот во партиското седиште во Тетово, изјави партискиот портпарол Орхан Муртезани.
Јавноста ја чека дефинитивната одлука дали партијата на Африм Гаши, Алтернатива ќе биде дел од Владата. Партијата за тоа ќе одлучува на седница на највисокото партиско тело Централен совет.
Лидерот на партијата Африм Гаши имаше три средби досега со претседателот на СДСМ Зоран Заев на кои се дискутираше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на нивните четворица пратеници.