Во Охрид синоќа се одржа свеченото затворање на 12-тата „Школа за млади лидери на Претседателот Иванов“, на тема „Лидерство во акција“, која се одржа во периодот од 12 до 27 ноември годинава во комбинирано издание, онлајн и со две сесии со присуство во живо, едната во Скопје и втората во Охрид.
Школата, како што информираат од кабинетот на поранешниот претседател Иванов, успешно ја завршиле 36 учесници кои имаа можност да следат предавања на дваесетина предавачи од земјава и од странство.
Иванов ја затвори 12-та Школа за млади лидери на темата „Лидерство во акција“. На сесијата на свечено затворање, покрај Иванов се обрати и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
На затворањето, Иванов на учесниците кои ја следеа целата програма и успешно ја завршија школата им додели сертификати, а воедно, на поддржувачите и ко-организаторите им додели благодарници.
– Во текот на 12-тата Школа за млади лидери предавања за учесниците одржаа претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ; министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу; Сани Шенер, главен извршен директор и претседател на „ТАВ аеродроми“; Рза Алијев, менаџер за развој и имплементација на политики, стратегија и одржливост во компанијата Бритиш Петролеум и член на Бордот на World Monuments Fund; Рашела Мизрахи, пратеник во Собранието ; Ендру Пејкоф, претседавач на компанијата Niagara Bottling LLC; Јордан Битов, ко-сопственик и издавач, Torstar Corporation, и основач и ко-сопственик на Nordstar Corporation; Елизабет Наумовски, заменик претседател за маркетинг во компанијата Caldwell Securities Ltd. и добитник на повеќе награди како застапник за финансиска писменост; Џери Наумоф, претседавач на Бордот на компанијата Taskforce; Методија Колоски, ко-основач и претседател на Обединета Македонска дијаспора; Зоран Костовски, директор на компанијата за деловна едукација, менаџмент консалтинг, образование и обука „Мотива“; Хозе Антонио Моралес, извршен директор на компанијата Lincoln Iceland Company LLC; Гордица Каранфиловска, поранешен координатор на проектот Школа за млади лидери, информираат од Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Оттаму посочуваат дека предавање за учесниците одржаа и поранешните учесници на школата и членови на ИСЛАА, Ѓорѓе Божинов, градоначалник на Општина Ново Село; Александар Митов, експерт за јавно здравје; Катерина Велјановска Блажевска, професор и експерт за јавни политики и комуникација, Катерина Климовска, Претседател на алумни асоцијацијата ИСЛАА.
Модератор на сите сесии на Школата беше Даниел Ѓоќески, поранешен учесник на школата и координатор на проектот Школа за млади лидери.
Школата за млади лидери е иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Првата Меѓународна обука за млади лидери се одржа во 2010 година. Оттогаш, во текот на досегашните 12 обуки, учествуваа околу 476 млади луѓе од земјата и од странство, со различен академски и професионален фокус. Пред дванаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа над 240 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, проектот Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.