Заврши чествувањето на општинскиот празник во Валандово

31

Со пригодни манифестации денеска граѓаните го чествуваа општинскиот празник – 6 Ноември, Денот на ослободувањето на Валандово.

Претставници од локални и државни институции, локални ограноци на политички партии и претставници од здруженија на граѓани, во градскиот парк положија цвеќе пред споменикот на 34 борци загинати во НОБ за слободата на Валандово.

-НОБ е темелот на денешното слободно и демократско Валандово и основата на се што ќе постигнеме во иднина. Целиме кон заедница на рамноправни граѓани, силни пријателства и големи срца. Сакаме општина отворена кон светот, обединета во намерите и посветена на сопствениот развој, рече градоначалникот Перо Костадинов.

Дел од прославата на празникот денеска беше и одржувањето на традиционалната „Ракијада“, настан од голема културолошка важност за Валандово, кој ја отсликува посебноста на заедницата и валандовската семејна традиција.

Годинава во варење на ракија се натпреваруваа 20 тимови составени од по двајца членови. Според жири комисијата, најдобра ракија направија Ѓорги Пандев и Никола Смиланов, на кои им припадна првото место, пред второпласираните Марјан Ташков и Слободан Џилвиџиев и третопласираните Ѓорги Дончев и Константин Гетов.