Во Грција регистрирани 6.700 случаи на Ковид-19, нов негативен рекорд за земјата

21

Втор ден по ред Грција бележи рекордно високи бројки по новозаразени од коронавирус, а денеска беа регистрирани 6.700 случаи, што е најголема бројка од почетокот на пандемијата, јави дописничката на МИА од Атина.

За разлика од вчерашните 5.449 случаи што произлегоа од 82.593 направени тестови, денешните 6.700 се од пет пати повеќе тестирања, односно од 419.408 тестови 397.400 се рапид, а останатите 22.008 ПЦР).

Во изминатите 24 часа умреа 59 лица, а 434 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците.

Од нив, 370 односно 85,25 отсто се невакцинирани или делумно вакцинирани, а останатите 64 (14,75 проценти) се вакцинирани.

Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 754.451 случај на Ковид-19, а починаа 16.050 лица.

Попладнево, министерот за здравство на Грција Танос Плеврис ќе соопшти нови мерки, кои веројатно, пред сè, ќе се однесуваат на невакцинираните.