Германските државни службеници се подготвуваат да штрајкуваат поради спорот околу платите, соопшти денеска нивниот синдикат, а протестот ќе влијае и на државните болници, и покрај новиот пораст на новозаразени со коронавирусот.
– Оние кои предизвикуваат штрајкови не треба да се изненадат кога ќе ги добијат, рече Франк Вернеке, лидер на синдикатот Верди, кој претставува повеќе од 800.000 вработени во јавниот сектор.
Датумот за протестот сè уште не е објавен, а штрајкови ќе има во сите 16 германски покраини освен Хесен.
Со оглед на тоа што синдикатот го претставува персоналот на десетици универзитетски клиники, се очекува здравствените институции да бидат тешко погодени од штрајкот.
Во моментов вон функција се околу 4.500 кревети за интензивна нега поради сериозен недостиг на медицински персонал.
Вернеке рече дека синдикатот немал друг избор освен да го зголеми притисокот, бидејќи работодавецот досега одбивал да даде контра-понуда на неговите барања.
Синдикатот се залага за зголемување од пет отсто на платите во јавниот сектор или минимум 150 евра месечно.
За оние кои работат во здравството бара покачување од 300 евра месечно.
Водечкиот преговарач за покраините Рајнхолд Хилберс рече дека тие нема да поднесат никаков предлог додека синдикатот одбива да се согласи на реформа на скалата на платите.