Доцни жетвата на оризот – квалитетот задоволителен, цените ниски

32

Ситуацијата никако не може да се стабилизира. Работиме од година за година. Сега ова ќе го продадеме за да го платиме ѓубрето од лани и нафтата што сме ја земале. Ако остане за нас, ќе подмириме струја и вода, велат производителите.

Земјоделците рекоа дека не се задоволни ниту од финансиската поддршка што од Министерството за земјоделство им беше понудена на неодамнешната средба со ресорниот министер.

– По средбата со министерот Хоџа заклучивме дека тие не можат да ни понудат помош за цената што ние ја бараме, со оглед што производните трошоци во моментот изнесуваат 23 денари за килограм арпа, а со вртоглавото покачување на цените на препаратите и вештачките ѓубрива ние веќе сме во загуба и со таа цена. Мерката што ни ја понуди ја имавме пред неколку години и со неа бевме уништени, со оглед што тогаш арпата се откупуваше по 24 денари, а по дадената субвенција од пет денари по килограм, откупувачите веднаш ја симнаа откупната цена на 18 денари. Оттогаш оркупната цена никогаш не се покачи и сега сме во чиста загуба, истакна Тони Максимов од Инцијативниот одбор за заштита на оризопроизводството.

Од Инцијативниот одбор за заштита на оризопроизводството додадоа дека меѓу причините поради кои доцни овогодишната жетва на оризот е и задоцнетата сеидба затоа што водостопанското претпријатие не ја пуштило навреме водата во нивите.