МОТ: Влијанието на пандемијата врз вработувањето е полошо од очекуваното

26

Губењето на работните часови оваа година поради пандемијата на Ковид 19 ќе биде еквивалентно на 125 милиони работни места со полно работно време, со голем јаз меѓу богатите и сиромашните, објави денеска Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Пандемијата ќе укине 25 милиони повеќе работни места оваа година отколку што МОТ процени во извештајот од јуни, првенствено поради нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните земји во дистрибуцијата на вакцини.

Бројот на работни часови оваа година на глобално ниво ќе биде за 4,3 помал отколку во периодот пред пандемијата, во четвртиот квартал од 2019 година, соопшти МОТ, која наместо стапката на невработеност го користи работното време за да избегне различни дефиниции за невработеноста.

Во јуни очекуваа загуба од 3,5 отсто од работните часови. Дистрибуцијата на вакцините претходно оваа година малку ја ублажи загубата на работни часови во вториот квартал, кога беа изгубени 4,8 отсто, наместо шест отсто како што беше проценето во јуни, објаснува МОТ.

Пресметката заснована на приходи ја покажува разликата меѓу богатите и сиромашните бидејќи земјите со високи приходи изгубиле 3,6 отсто од работните часови, а земјите со ниски приходи 5,7 отсто во споредба со 2019 година, што МОТ го објаснува со стимулативни пакети во развиените земји.

Земјите со ниски приходи би можеле да ја надоместат таа разлика за нешто повеќе од три месеци доколку им се даде подеднаков пристап до вакцините, предупреди МОТ.